Во Карпош ќе се чисти отпадот, се договориле Јакимовски и директорот на „Комунална хигиена“


Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера се пожали дека во неговата општина само тројца работници на „Комунална хигиена“ чистат, но рече дека и тие не работат ништо.

Денеска, на барање на раководителот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје денеска е остварена средба со градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски при што е договорено како во периодот што претстои Општина Карпош и ЈП Комунална хигиена Скопје заеднички и координирано да ја одржуваат хигиената во интерес на граѓаните.

Заеднички е констатирано дека хигиената во оваа општина во голема мера е подобрена од пред три месеци, како и дека граѓаните на Карпош заслужуваат хигиена на високо ниво имајќи го предвид високиот степен на наплата за оваа услуга.

Јакимовски вчера се жалеше дека откако укажале оти во општината никој не чисти, пратени им биле комунални инспектори, кои им кажале дека службите на Карпош не смеат отпадот да го фрлаат во контејнерите во сопственост на претпријатието.

„Не може во Општина со 24.500 домаќинстав, од каде е највисоката наплатата на данок на имот, да има само тројца работници. Мојата работа никој не ја работи, но немам намера да ја работам нивната работа. Секој што зема народни пари треба да си ја работи својата работата. И наместо да се засрамат, гледајте со какви работи се служат. Ова покажуваат како сакаат да практицираат власт во Општина Карпош, но да им кажам дека ќе наидат на сериозен отпор“, рече Јакимовски.