Во јуни ќе се промовира новата генерација пожарникари


На Свечена академија на почетокот на јуни ќе се промовира новата генерација пожарникари и премиерно ќе се изврши презентација на иновативните средства со кои членовите на бригадата ќе отпочнат да делуваат на терен, беше кажано денеска на одбележувањето на Денот на македонските пожарникари во Скопје. 
 
Во Територијална противпожарна бригада на Град Скопје, беше одбележан 20 Мај, Денот на македонските пожарникари, а командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје поднесе рапорт од името на хероите на Скопје за професионалноста, посветеноста и пожртвуваноста што континуирано ја покажуваат за да бидат сите наши сограѓани сигурни и безбедни.
 
„Скопските пожарникари несебично вршејќи ја својата професија во заштита на безбедноста на граѓаните и јавните добра секогаш се подготвени брзо да дејствуваат, изложувајќи се на опасни и тешки задачи во кои животите на другите ги ставаат пред својот. Знаењето, работата, стекнатото искуство и континуираното докажување во справување со предизвиците со кои се соочуваат членовите на нашата бригада секојдневно, ги прави врвни професионалци со кои целиот град се гордее“ рече тој.
 
Од името на сите припадници на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје врачи благодарница на градоначалничката Данела Арсовска, „за сите нејзини напори за унапредување и модернизација на условите на Бригадата како и за подобрување на екипираноста обезбедување соодветни обуки за пожарникарите, неопходни за зголемување на подготвеноста за интервенции“.