Во интимниот архив на Жанета Вангели и четири децении македонска современа уметност низ нејзините очи

Чифте амам синоќа беше храм на уметноста, а публиката беше сведок како 300 фотографии, уметнички дела, инсталации и објекти се претвораат во своевидна жива историја на културната меморија. Ништо помалку не се очекува од мултимедијалната уметница, една од најзначајните и најавтентични фигури на современата македонска уметничка сцена, Жанета Вангели (1963, Битола) чија работа четири децении ги надминува границите на класичната уметничка форма .
Ретроспективната изложба Архив II, 1985–2025: Епифанија распослани низ сите простории на галеријата, раскажува различна приказна.Централно се дигиталните плотери и пејсажи, десно се стотиците фотографии и портрети на личности од нејзиното опкружување, семејство, роднини и пријатели, како и луѓе кои беа дел од македонската андерграунд сцена, кои ја следат низ четиридецениско творење. Лево се објекти и инсталации инспирирани од христијанските симболи, нејзината визија за она како во христијанскиот свет се појавува епифанијата (богојавлението).
Ретроспективниот проект/концепт Архив II, 1985–2025: Епифанија е втор дел од творечкиот опус на Жанета Вангели претставен во Музејот на современата уметност – Скопје (2017). Првото ретроспективно претставување Архив, 1987–2017: Синхроницитети даде една (по)целосна слика за творечките етапи на Жанета Вангели во период од триесетина години. Имајќи ја предвид самата концепција на тогашното претставување, во рамки на првата ретроспективна изложба останаа недопрени значајни позиции од нејзините архиви кои се заветиле на времето на преобмислување.
Како резиме на творештвото од четири декади, проектот Архив II, 1985–2025: Епифанија ги претставува ликовните настојувања во континуитет на креативниот процес, осветлувајќи ја естетската линија во поширокиот ликовно-естетски, културно-антрополошки и општествено-политички контекст. Архивската граѓа на Вангели произлегува од дијалогот меѓу она што значи изјава [statement] и коментар [comment], надворешност [exterior] и внатрешност [interior], рефлексивност [reflectiveness] и самокритичност [self-criticism], останување и опстојување во сопственото (ликовно и творечко) настојување.
Вангели е и редовен професор на ФЛУ на катедрата за сликарство и мултидисциплинарни студии од 2008 година, а во 2003 година беше македонски претставник на Венециското биенале. Нејзини дела се изложувани на сите континенти, на групни и самостојни изложби.
Овој проект на Националната Галерија на Македонија финансиски е поддржан од Министерството за Култура и туризам. Куратор на проектот е виш кустос Маја Крстевска а стручен соработник, кустос Горанчо Ѓорѓиевски.Изложбата ќе биде поставена до 14 септември 2025.