Во хрватскиот Сабор се извикуваше „За дом спремни“

Остро нападнат лидерот на Србите во Хрватска, кој го осуди величењето на усташтвото на концерот на Томпсон


Милорад Пуповац од партијата на Србите во Хрватска

 

Беше бурно утро во хрватскиот Сабор денеска, а темата беше концертот на Томпсон во Загреб каде присуствуваа 500 илјади луѓе и помина во величење на усташкото движење..

На почетокот од својот говор, Милорад Пуповац од партијата на Србите, СДСС, ги пофали државните и градските служби за сè што направија за време и по големиот концерт, но потоа праша „зошто не беше можно да се заштитат уставните вредности и вредностите на ЕУ“?

„Зошто не беше можно да се заштитат уставните вредности и вредностите на ЕУ од симболите, пораките, песните и скандирањата што ги величаа членовите на усташкото движење и ја поздравуваа НДХ со официјалниот поздрав ‘За дом спремни’ “ за време на концертот и по него“?, праша Пуповац, пренесува „тпортал“.

Тој праша дали ова има за цел да го продлабочи и јазот во односите со соседните земји како што се Босна и Херцеговина или Србија. „Што и да е, Хрватите надвор од Хрватска ќе претрпат штета, па во Србија би можеле уште погласно да ги слушаат песните на српскиот колега на Марко Перковиќ – Томпсон, таканаречената Баја Мали Книнџа. Политичката стабилност на односите во регионот ќе претрпат штета“, рече Пуповац.

Тој исто така праша дали немало реакција на поздравите со цел да се „дисциплинира“ самата Хрватска, „да се потчини на еден светоглед со неколку можни нијанси“, „да се гледа со сомнеж на сите што не биле на Хиподромот и да се прогласат за злонамерни, барем, оние што велат дека државата направила нешто погрешно“.

„Се надевам дека не е како што изгледа. Без разлика колку луѓето пеат, зборуваат и молчат, усташите и НДХ ѝ оставија на Хрватска наследство од голем криминал и ужасна потчинетост“, рече Пуповац.

Неговиот говор предизвика остри реакции.

„ХОС (парамилитарни сили на почетокот од 1990-те) гинеше и ја бранеше Хрватска од овие луѓе како што е Пуповац“, рече независниот Јосип Јурчевиќ.

Нино Распудиќ рече: „500 илјади усташи во Загреб, а ниту еден Србин не изгуби ни влакно од главата. А во Србија, Србите се тепани секој ден, па се покажува дека Србите се побезбедни меѓу усташите отколку меѓу сопствениот народ“, рече Распудиќ.

Ивица Бакса од Независната платформа Север, исто така, беше критичен кон Пуповац. „Никогаш повеќе протести во Србија, никогаш повеќе протерани хрватски студенти од Србија, затоа не зборувајте и не нè провоцирајте“, му рече тој на Пуповац.

Дамир Билоглав од од десничарската коалиција ДОМиНО отиде чекор понатаму, поздравувајќи од говорницата со поздравот „За дом спремни“, но немаше осуда на ова, иако некои пратеници побараа реакција. Билоглав рече дека не видел усташи во Загреб.

„На младите луѓе што беа на концертот не им е грижа за партизаните, усташите и четниците. Тие дојдоа да изразат радост, среќа, патриотизам. Од овие собири испраќаат порака до сите нас стари луѓе – ‘ние се грижиме за вашите приказни, стереотипи. Ние не сме носители на ничии хипотеки, не се согласуваме со ничии уцени, нема да дозволиме да ни ставате лудачки кошули. Родени сме во слободна Хрватска, ќе живееме во таа Хрватска како што сакаме, ќе пееме песни што ги сакаме, ќе се поздравуваме со поздравите што ги сакаме и нема да ни е грижа за вашите глупости’. Во име на сите овие млади луѓе, ги поздравувам овие господа со поздравот што тие би сакале да ви го испратат на сите вас – За дом спремни“, рече Билоглав.

Ивица Кукавица зборуваше во име на Татковинското движење. „Овие деца не дојдоа тука да предизвикуваат проблеми, не дојдоа да провоцираат. Овие млади луѓе дојдоа да им оддадат почит на вредностите што ги претставува Хрватска. Ме растажуваат негативните реакции од политичкиот спектар. Не можеме да ја закопаме Втората светска војна. Ако ХОС, песните и поздравите не беа непријатни за Туѓман и Рачан, зошто ни се непријатни нам 20 години подоцна. Зошто и во чие име го делиме ова општество? Зошто реакциите од нашиот левичарски спектар звучат како во Србија?“, рече Кукавица и ги повика сите да ги „намалат тензиите“.

Во исто време за концерот на Томпсон зборуваше и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ. Тој рече дека е градоначалник, нема да има повеќе концерти од ваков обем.

Причините се безбедноста на граѓаните и квалитетот на живот на жителите на Загреб во тоа време, додаде тој.

„Усташкиот поздрав беше употребен на концертот, на мое големо жалење. Верувам дека граѓаните дојдоа поради патриотизам и концертот, а не за да го поддржат усташкиот режим. Исто така, во центарот на Загреб се пееја усташки песни. Полицијата не го спречи тоа, ниту ги идентификуваше прекршителите“, рече тој.

„Ваквата реакција на полицијата не придонесува за спречување на вакви ситуации. Некои од посетителите носеа маички, капи и шалови со усташкиот поздрав. Реакцијата на претседателот на Собранието и премиерот е длабоко разочарувачка за некои граѓани бидејќи ги кријат проблематичните аспекти на концертот под тепих. Се прашувам дали претседателот на Собранието, кој беше на концертот, одговори ‘спремни’. За мене како градоначалник, јасно е како ден дека Загреб е ослободен од владеењето на усташите и дека антифашизмот е во уставните темели, а како власт ќе се бориме да ја забраниме ревизијата на тој режим“, додаде Томашевиќ.

„Одбивам да го изедначувам патриотизмот со симпатиите кон усташкиот режим, а во демократска Хрватска е легитимно да се биде на политичката левица, десница и во центарот, а тоа ништо не кажува за нашиот патриотизам како луѓе“, нагласи тој.

На прашањето какви концерти ќе има, тој рече дека Загреб е заинтересиран да има концерти како Ед Ширан во летните месеци, но со максимум сто илјади луѓе.

„Ова не беше комеморација, маиците на ХОС ги носеа млади луѓе во нивните 20-ти години кои сигурно не беа членови на тие единици за време на војната. Што се однесува до логистичкиот аспект на овој концерт, никогаш не сме имале нешто вакво во Загреб. Безбедносните прописи денес се построги отколку кога се пречекува папата, на пример“, нагласи тој.

„Ќе му наплатиме на организаторот сè што можеме – чистење на Хиподромот и Бундек, сообраќајните сигнали, на пример, кои затворија мостови и улици“, вели Томашевиќ. Градот ќе достави детални фактури со точното време и бројот на луѓе што учествувале.