Во Хрватска забрануваат клима-уреди и сателитски антени на фасадите – казните се огромни


Фото: Б. Грданоски

 

На првиот ден од новата година, односно за околу четири месеци, ќе стапи на сила новиот закон за управување и одржување на згради во Хрватска, кој досега беше предмет на голема јавна расправа поради забраната за издавање станови на туристи и работници, освен ако не се согласат 80 отсто од сосопствениците на зградата.

Исто така, се забрануваат клима-уреди и сателитски антени на фасадите на зградите кои гледаат на улица, а ќе се изрекуваат и казни  и за затворање балкони.

За поставување климатизери од страна на улицата на фасадите на зградите и затворање балкони се пропишува казна и за сосопствениците за чии станови се работи и за оние фирми чии вработени поставуваат климатизери спротивно на законот и за вработените кои ја вршат инсталацијата.

Сосопственик кој врши работи на покривање и затворање балкони, лоѓии и тераси на изградени објекти или инсталира уреди за ладење, греење и обновливи извори на енергија, односно антенски системи на уличните фасади на изградени згради, ќе се казни со парична казна од 1.000 до 5.500 евра, според нацртот на новиот закон.

Сосопствениците ќе бидат казнети со парична казна од 400 до 5.500 евра доколку не дозволат управителот на зградата или лице одредено од управителот да влезе во нивниот посебен дел од зградата, доколку тоа е неопходно за одржување на заедничките делови од зградата или за отстранување на дефект што предизвикува или би можел да предизвика оштетување на зградата или станот на друг сопственик и оние кои ги попречуваат итните поправки или енергетското реновирање, односно енергетското подобрување на зградите.

Предвидени се и казни во износ од 1.000 до 2.000 евра за сопствениците кои нема да го осигураат објектот.

Правно лице чии вработени поставуваат уреди за ладење, греење, обновливи извори на енергија и антенски системи на улична фасада или вршат работи на покривање и затворање балкони, лоѓии и тераси или во згради изградени пред 1965 година, прави слотови за инсталации во ѕидови и поставуваат монтажни ормари, според новиот закон, ќе бидат казнети од 5.500 евра до 10.000 евра.

Глоба од 1.000 до 5.500 евра ќе му се изрече и на одговорното лице во претпријатието кое ги врши ваквите работи. Предвидено е сите казни да бидат приход од буџетот на единицата на локалната самоуправа на чија територија се наоѓа објектот.

Овластувањата за надзор ќе имаат општински редари кои наредуваат мерки за отстранување на констатираните неправилности или други мерки пропишани со закон.

Законот не е ретроактивен
Она што е важно е дека законот не е ретроактивен, што значи дека нема да важи за веќе поставените климатизери, антени или преуредени балкони, туку сите нови операции ќе треба да се усогласат со новите прописи.

Вицепремиерот и министер за просторно планирање, градежништво и државен имот Бранко Бачиќ рече дека новиот Закон за управување и одржување на згради ќе им овозможи на станарите полесно да инсталираат лифт во своите згради или да ги обноват нивните фасади, а државата ќе кофинансира овие зафати.

„Пред моето Министерство има онолку катови колку што има климатизери во секој стан, па тоа ќе го забраниме“, изјави Бачиќ за Нова ТВ.

Според предлогот на Законот за управување и одржување на згради, кој минатата недела беше прифатен од Владата и испратен во Собранието на прво читање, зградите ќе добијат матичен број (ОИБ), ќе станат правни лица и ќе се запишат во регистарот. Ќе се знае точно кој е на чело, а ќе има и санкции.

Дополнително, се регулира плаќањето на резервен фонд, а се бара и зградите да се принудат да донесат годишна програма за одржување на заедничките делови, односно повеќегодишна програма за одржување и стопанисување со објектот, бидејќи во спротивно ќе бидат обврзани да уплатќаат резервен фонд во износ од пет пати поголема од минималната заедничка резерва.

„Кога ќе знаеме кои се обврските на управителот, кога ќе знаеме кои се обврските на застапникот на сосопственикот, тогаш ќе бидеме ригорозни кога станува збор за исплата на резервниот фонд, затоа има прекршочни постапки, казните се големи“, изјави Бачиќ.

За краткотрајното издавање на станови во градовите и издавањето станови на работници, од Хрватското здружение на станари и сосопственици на згради велат дека издавањето е можно, но само ако не им наштетува на другите станари.

Министерот Бачиќ рече дека државата сака да ги врати во оптек празните станови и да поттикне долгорочна кирија.