Во Холандија регистриран прв смртен случај од вирусот западен нил по шест години


Амстердам – Лице во холандската покраина Утрехт почина во болница по заразување од вирусот западен нил – објави денеска холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС повикувајќи се на Националниот институт за јавно здравје и животна средина (РИВМ). Ова е прв регистриран смртен случај од овој вирус во Холандија по шест години.

РИВМ годинава го детектира вирусот западен нил во покраините Утрехт, Северен Брабант и Јужна Холандија, а уште двајца заразени пациенти во моментот се наоѓаат на болничко лекување.

Вирусот минатата недела беше откриен во Холандија првпат од 2020 година кога беше утврден кај крводарител во Утрехт, кој не патувал во странство. Засега не е познато дали крводарителот е истото лице што почина.

Вирусот западен нил првенствено ги погодува луѓето, коњите и птиците, а се пренесува преку комарци. Речиси 80 отсто од заразените не развиваат симптоми, кај 19 отсто се појавуваат симптоми слични на грип, а кај еден отсто од случаите се развиваат потешки невролошки симптоми.