Во Грција регистрирани вкупно 26 случаи на вирусот Западен Нил

Во Грција се потврдени вкупно 26 случаи на вирусот Западен Нил, а девет од нив се регистрирани во текот на минатата седмица, согласно податоците од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Во неделниот извештај од ЕОДИ соопштија дека 23 од 26 случаи покажале симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна блага парализа), а три случаи се со благи или никакви симптоми поврзани со централниот нервен систем.
Паралелно бил регистриран е и еден „увезен“ случај на инфекција кај пациент изложен на вирусот во друга земја, поконкретно во Србија и не е предмет на понатамошната анализа.
Повеќе од половина од регистрираните случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите во западна и североисточна Грција, како и во регионот Тесалија.
Првите случаи на инфекција за оваа сезона во Грција беа регистрирани во првата половина на јули, кога во период од 48 часа во областа Атика беа истовремено дијагностицирани четири случаи.
Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во Грција во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција биле регистрирани 220 случаи, а од Западен Нил и починале 35 лица.