Во Еквадор уапсен и „клучниот играч“ на Викиликс, на мета и двајца руски хакери


Министерката за внатрешни работи на Еквадор, Марија Паула Ромо изјави дека на аеродромот во Кито уапсено е едно лице под сомнение дека е клучен играч на Викиликс.

– Лице блиско до Викиликс, кое имаше виза за престој во Еквадор уапсено е додека се подготвуваше да патува за Јапонија, напиша Ромо на Твитер.

Таа не го именува уапсениот, само наведе дека е осомничен дека ковал заговор против Владата на Еквадор. Ромо исто така наведе дела уапсениот неколку години живеел во Еквадор и оти често патувал за Лондон.

– Тој е приведен едноставно поради истражни причини, посочи Ромо.

Неиемнуван владин претставник изјави дека уапсениот на аеродромот во Кито е шведскиот програмер Ола Бини. Инаку, апсењето во Кито се случило само неколку часа по вчерашното апсење на Асанж во Лондон, откако Владата на Еквадор му го укина азилот.

Асанж инаку до неодамна бил „мирен“ во амбасадата на Еквадор, но падна во немилост откако Викиликс почнал да ја критикува работата на еквадорските власти, што предизвикало револт во Кито.

Освен тоа, еквадорските обвинители би можеле да забранат излез од земјата и на двајца Руси, за кои се сомневаат дека се хакери и дека се поврзани со Џулијан Асанж, изјави Ромо.

– Разменуваме информации со обвинителите, кои би можеле да побараат од судот да преземе рестриктивни мерки против двајца Руси, ако оценат дека постои основа за тоа, посочи Ромо.

Таа и претходно изјави дека постојат индиции оти Асанж бил поврзан со руските хакери кои живеат во Еквадор.