Во ДУИ не знаат за извинување

Директорот на Топланата „Скопје Север“, Куштрим Рамадани, и ДУИ молчат за барањата тој да си поднесе оставка по пцостите и недоличните навреди што новинарските здруженија ги оценија како обид за цензура


На кадрите на ДУИ сѐ им се може. „Бомба“ не ги мрда од функциите, што и да направат, никогаш не се извинуваат за грешките, а оставката за нив е непозната појава ако им ја бара некој чие име не е Али Ахмети. Потврда за тоа е последниот недоличен и навредлив испад на директорот на Топланата „Скопје Север“, Куштрим Рамадани, кој со вулгарни пцости и со омаловажувања ја нападна новинарката на „Мкд“ – само затоа што во наслов ставила цитат од друг соговорник, а не неговите аргументи.

„Пи*ка ти материна… матер ти е*ам!“. Ви плаќаат таму да пишувате, ве плаќаат, ве плаќаат! А, бе кои сте вие да пишувате таков наслов?!“ – се зборовите со кои тој заработи остра осуда од сите новинарски здруженија.

Иако ваквиот речник е јавен срам за партијата, ни Рамадани  ни ДУИ не излегуваат сѐ уште да се извинат, а не пак да одговорат на барањата за оставка. По речиси 20 години на власта без  одговорност за било што „летаат“ многу високо, иако Рамадани е последен пример колку политичката култура, транспарентноста кон медумите и чувството за одговорност кон граѓаните што ги плаќаат – им се дно. Проблем е што ги водат најважните ресори во Владата, па нивното игнорирање на испадите од овој тип им штети и на другите коалициски партнери и на СДСМ како водечка партија. Зошто мораат сите да го трпат срамот од уличната политичка култура на некои од кадрите на ДУИ и да плаќаат самите политичка цена, а никој во таа партија да не чувствува јавна потреба да се произнесе и да се извини, особено за овој груб атак врз слободата на известување и  јасен притисок за цензура?

Како кадар на партијата која може сѐ, Рамадани со месеци упатуваше јавни пораки и уцени до ЕСМ барајќи да му даде државни пари за да купи гас или други енергенси без да потпише договор да ги врати, притоа пласирајќи тези дека за другите две топлани можела да обезбеди помош, а за единствената во Скопје Север не може, иако во Владата токму тие ресори ги држат министри од ДУИ. Практично, играјќи на етничка карта, т.е. на алузијата дека се смрзнуваат граѓани Албанци, бара Владата да му издејствува неповратни пари за компанијата која не е државна, а тој да продолжи да директорува и да прави загуби. Сите негови вакви настапи редовно беа следени од главните албански медиуми, но не и овој скандал што воопшто не го објавија, очигледно како резултат на ваквите толкувања за новинарството со кои почесто се соочуваат, во смисла што можат да пишуваат, а што не.

А, годинава беше богата со испади од оваа партија (иако некои беа силно испровоцирани), вклучувајќи ги пцостите и фрлањето предмети од Арбер Адеми кон пратеници, пцостите кон вработените во Собранието од страна на Талат Џафери, како и пропаднатиот обид да се вработат свои деца во Контролата за летање со безобразно мешање во постапката водена од странци. Таква беше и прошетката на Крешник Бектеши со контроверзниот Нефи Усеини  низ Охрид како да е најугледниот таму, иако е обвинет за три тепања и две дивоградби, вклучувајќи и на државно земјиште, како и контраобвинувањата на Бујар Османи кон медиумите дека ја напаѓаат несудената конзулка Бесмира Ејупи не затоа што е примена експресно со изигрување на процедурите и со партиски врски, туку затоа што е млада и убава…

Поинаку кажано, среде демократска Македонија, се однесуваат игнорантно кон државата како да се „Русија“ и ги уриваат надежите на многу од граѓаните дека, со нив вечно во власта, некогаш ќе видат иднина каква што заслужуваат. Уште повеќе што држат многу важни ресори во Владата, а  покажуваат амбиции да владеат уште повеќе, т.е. да ги владеат и обвинителството и судството, да ја владеат АНБ, да имаат технички премиер специјално гарантиран за нив – а покажаа дека немаат капацитет ни да средат едно Тетово.

Патем, од ДУИ молчат и за реакцијата на американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер, која беше зачудена од изборот на обвинителот Ислам Абази, кој случајно е од истото село со Али Ахмети и седел на свадби и веселби со високи функционери на партијата, а тврди дека не ги знае. Прашањето сега е, зошто партија што не сака да покаже одговорност ни за една пцовка од нејзин кадар има амбиција да добие влијание во гонењето на висока корупција, па да раководи и со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) што може се да надгледува, и како некој воопшто може да види во тоа легитимна политичка амбиција?

Крајно време е ДУИ, со полната уста поддршка за ЕУ и НАТО, да почне европски да се однесува и да не ја срами Македонија, како и да се соочи со фактот дека можеби власта ѝ е гарантирана, но со политичките и етничките барања што ги испорачува постојано го урива рејтингот на македонските партии во Владата, а самата веќе не може да ја гарантира нејзината стабилност. Односно , во ситуација кога ѝ се нуди на Алијансата за Албанците да се врати во Владата за да  се обезбеди сигурно мнозинство, бидејќи ДУИ веќе не може да го контролира своето, да си ги смени манирите и да си ги скрати апетитите, а пред сѐда престане да ги игнорира јавните реакции за недоличните испади на своите кадри.