Во Далмација измерени 40°C. Во Сплит најжешка ноќ откако се мери температурата

Хрватска е погодена од топлотен бран кој, според долгорочната прогноза, ќе трае најмалку до крајот на оваа недела.
Денес, највисоката температура на воздухот во Хрватска е измерена во 15 часот во Плоче – 40,1°C.
Поради високите температури беше издадено црвено предупредување за регионите Книн, Риека, Сплит и Дубровник до петок.
Мерната станица на Марјан синоќа измери минимална температура од 31,5 °C, што според достапните податоци е највисоката забележана ноќна температура во Сплит откако се спроведуваат мерења, од 1948 година, објави ДХМЗ. Со ова е срушен претходниот рекорд од 30,0°C, поставен на 6 јули 1988 година.
Државниот хидрометеоролошки завод забележува дека податоците сè уште треба да поминат низ сите нивоа на контрола пред официјално да бидат вклучени во базата на податоци за мерења.