Во Црниче се заменува постоечката водоводна мрежа

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, денеска присуствуваа на почетокот на градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Церска“ и „Христо Узунов“ во населеното место Црниче во општина Кисела Вода.
– Со реализацијата на овој проект се отстранува постоечката салонитна мрежа на која се јавуваат голем број дефекти заради нејзината дотраеност која е поставена пред повеќе од три децении и била наменета за мал број објекти, а денеска не ги задоволува потребите на постојната состојба. За жал, досега не биле превземи активности за реконструкција и проширување на хидротехничката инфраструктура согласно развојот што го овозможува деталниот урбанистички план за овој локалитет со што ЈП „Водовод и канализација“ овозможува подобро водоснабдување на жителите во овој дел од градот – изјави Арсовска.
Градежните активности опфаќаат реконструкција на постоечките приклучоци на објектите кои гравитираат на овој дел од улиците „Церска“ и „Христо Узунов“. Новата водоводна мрежа ќе биде приклучена на улицата Востаничка со што се обезбедува циркулационен прстен кој овозможува поквалитетно водоснабдување за жителите долж оваа траса.