Во Брисел се пука со сите оружја, Македонија одново жртва


Откако исчезна два месеца, а тоа јавно го забележа и „Политико“, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи конечно прозборе. Во Европскиот парламент тој побара Македонија да работи повеќе „за да излезе во пресрет на бугарската загриженост и за да се обиде да дојде до решение кое е целосно прифатливо за двете страни“.

Во Македонија тоа се сфати како негово престројување на бугарската позиција, а веројатно е така, бидејќи не случајно „Политико“ го посочи дека тој станува дел од проблемот, а не решението на блокадата на Македонија во ЕУ.

Неофицијално, од Брисел се дознава дека Вархеи не само што го бара ова од нас туку пред еден месец побарал и од земјите-членки на Унијата решавањето на спорот со Бугарија да стане дел од преговарачката рамка, односно токму тоа на што се противи Македонија. Тоа барање ја збеснало Германија, по што било отфрлено од неа и другите земји.     

Иако министерот Бујар Османи смета дека е нормално еврокомесар да  штити интереси на земја членка, во Брисел во моментов се води поважна битка на која, по сѐ изгледа, Македонија станува колатерална штета. Сега станува јасно зошто толку долго молчи Вархеи, зошто сред протести во земјата, првиот човек на ЕПП Доналд Туск го прими Бојко Борисов и му даде поддршка и зошто, на крајот, Борисов ѝ сврте грб на својата менторка Ангела Меркел ставајќи ѝ вето на Македонија, за која таа јасно најави дека сака да почне преговори за членство.

Во Брисел, имено, во моментов се води тешка битка за буџетот на Унијата, при што може да се случи за првпат во историјата ЕУ да остане без одлука како да се делат парите од фондовите. Причина е поврзувањето на средствата со владеењето на правото во земјите, поради што Унгарија (читај Вархеи), Полска (читај Туск) и Словенија (читај Јанша)  ја блокираат одлуката за распределба на буџетот. Иако не е на тој список, не случајно „Фајненшел тајмс“ ја стави Бугарија во друштвото на овие проблематични земји на ЕУ, а очигледно не било толку наивно што Борисов ѝ сврте грб на германската канцеларка.

Едноставно кажано, во Брисел се пука со сите оружја за да се одбрани стариот поредок, кога секој ќе си зема пари од Унијата, а дома ќе прави што сака, ќе корумпира, ќе малтретира медиуми, ќе урива уставни судови, ќе пере пари, ќе врши притисок на избори, ќе навредува и уценува други лидери и слично. А, Бугарија на Борисов целосно се вклопува во таа слика.

Не е далеку затоа од умот дека Вархеи и Туск молчат бидејќи знаат дека можат да ја искористат одлуката за Македонија, покрај другите, за да се пазарат околу буџетот со Германија, па и со Франција, која помогна да се најдеме сега во ситуацијата во која што сме со Бугарија. Ако почувствувал дека Меркел му го врти грбот по протестите, не е нереално и Борисов да сфатил дека изживувајќи се со Македонија ќе се спаси од притисокот од Унијата и дома ќе прави што сака. Во таа голема слика има и една мала, односно интересот на Орбан да си го врати пријателот во Македонија, а тоа може да се случи ако Вархеи ја турка бугарската позиција во ЕУ. 

Дека не е претерување ваквото размислување, сведочи атмосферата што деновиве  владее во Брисел. Не е случаен, притоа, силниот публицитет што го доби случајот со унгарскиот европарламентарец од партијата Фидес, Јозеф Саер, кој беше фатен како бега од геј оргија со полна торба дрога, иако јавно застапува традиционални вредности и учествува во анти ЛГТБ кампањи. Такво лицемерие е видено многупати во Брисел, но битното овде е дека тој доаѓа од Унгарија, земјата заради која никој не може да земе пари од Унијата затоа што таа не сака да биде условувана во однос на владењето на правото. Патем, дека вакви методи често се користат од ЕУ, говори и епизодата од 2009 година кога вакви проблеми правеше чешката влада на премиерот Мирек Тополанек, по што тој осамна гол на страниците на европските весници од некоја забава со старлети организирана од Силвио Берлускони.  

Паралелно, во групата на Европски народни партии од денес е покрената иницијатива за исклучување на друг унгарски европратеник кој притисокот врз неговата земја околу владеењето на правото го спореди со политиките на Гестапо и Сталин, а заканите за исклучување ги спореди со репресиите што ги трпел во комунизмот. Во Европскиот суд Орбан ја тужи ЕУ за почнатата постапка за активирање на Членот 7 кој значи одземање на правото на глас на земја-членка во ЕУ.

Оттаму, забелешките на „Политико“ за Вархеи не се толку испровоцирани од фактот дека е еврокомесар за проширување, туку од очекувањето дека тој им дава предност на интересите и политиките на неговата земја место да работи на ЕУ агендата. По првичните искрени напори на Вархеи кои доведоа до одлуките да се почнат преговорите со Македонија и со Албанија, тој,  кој важи за десна рака на унгарскиот премиер Виктор Орбан во ЕУ, како да заборави зошто е во Брисел и зошто е на таа функција. Денес, и покрај нашето барање, од неговиот кабинет не одговорија зошто е невидлив околу спорот на Македонија и Бугарија и прави ли нешто да се тргне блокадата на преговорите. Притоа Вархеи нема проблем само со Македонија, туку и со Црна Гора од каде го обвинија дека застана на страната на Србија во спорот што доведе до протерување на амбасадорите бидејќи неговиот премиер Орбан има добри односи (читај бизниси) со Александар Вучиќ и дава државни тендери на избрани фирми. Во ЕУ очигледно е во тек судирот за пари или за принципи, а Македонија е само делче во него. (С.Ј.)