Во Битола се гради нов противпожарен дом
БИТОЛА – Битола почна со градежните активности за изградба на нов противпожарен дом, капитална инвестиција ветена од трите последни локални власти. Локацијата е во старата касарна, на терен кој инфраструктурно овозможува лесен пристап на противпожарната служба. Последните неколку недели се работи на терен, најпрво со уривање на стариот објект, поранешен армиски магацин од поранешната ЈНА, чистење на локацијата и почеток на градба на сосема нов објект од темел.
Дваесетти мај е празникот на пожарникарите, се празнува поради историскиот момент кога битолската Противпожарна единица била формирана со повелба на Румелискиот валија во 1836-та, значи годинава се одбележуваат 188 години постоење.
Пожарникарите од бригадата во Битола велат дека треба да се спремни за акција и да ги имаат основните услови за функционирање, а во старата зграда на Булеварот „1 Мај“, се под основните услови за работа, а амбиентот оставен од турско.
„Тешки се условите во кои работиме со децении наназад. Тешко се исполнуваат за професионално работење на пожарникарите. Има многу недостатоци, немаме место за вежбање, санитарниот јазол е во хаотична состојба, објектот се распаѓа, цел мебел е стар од деведесеттите години“, вели заменик-командирот на ППЕ во Битола, Горан Димкоски.
Во Битолската пожарна има 14 возила, дел стари од седумдесетите и осумдесетите години.
„Имаме вкупно 14 возила, од нив, само четири се нови, другите се стари, некое по 50, некое по 40 до 30 години“.
Пожарникарите од ППЕ во Битола во овој момент се 41 на број, што значи според бројот на жители недостига кадар за правилно и навремено функционирање. Димкоски вели дека во опрема се добри, и имаат обновено најголем дел од потребите, но по правилникот единицата треба да брои 65 пожарникари. Пожарникарите годишно во просек имаат 700 до 800 интервенции, со исклучок на 2022 година кога поради корона кризата биле само 450.
Минатата година пожарникарите после долго време се обезбедија со нови шлемови, чизми, десетици комплети заштитна опрема набавена преку проект за прекугранична соработка со Грција имплементиран од Пелагонискиот плански регион во координација со Министерството за локална самоуправа.
„Го очекуваме новиот дом, кој според проектот е одличен и ќе ги задоволува сите стандарди и услови за функционирање на службата. Пристапот е добро осмислен и местоположбата е добра, што значи градот ќе го имаме на рака, да делуваме и кон центарот, и кон Буковски дел и Брусничка населба, оти имаме и нова инфраструктура околу касарната. Ќе биде современ дом со сите потребни елементи за правилно функционирање со нов диспечерски центар“, вели заменик командирот Димкоски.
Градоначалникот Тони Коњановски вели дека почетокот на реализација на нов противпожарен објект во Битола е капитален проект кој ќе ги реши проблемите на службата на долг рок.
Вкупната вредност на склучениот договор за изградба на новиот противпожарен дом изнесува 52 милиони денари.