Во Битола изложени предисториските антиквитети од Македонија што ја прошетаа Северна Америка

Заводот и музеј – Битола, Музејот во Гевгелија и Заводот и музеј – Прилеп беа меѓу дваесетина балкански музеи кои беа вклучени во организацијата на меѓународната изложба


 

Со мала изложба во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола се финализира изложбата First Kings of Europe што од 2022 до 2024 година беше на турнеја низ Северна Америка. Филдовиот музеј во Чикаго го најави големото отворање, што се одржа на 31 март, 2023 на, како што најавија, својата специјална изложба „Првите кралеви на Европа“, во која со свои раритетни предмети од неолитот учествува и Северна Македонија.

Овој престижен музеј ги повика посетителите да нурнат во историјата преку артефактите кои за првпат се претставуваат на едно место, и да патуваат назад во 5000-те година пред нашата ера до железното време за да осознаат како воините се претворија во кралски членови и засекогаш ја променија структурата на општеството.

 

Македонските претставници на оваа ексклузивна збирка од 700 предмети, координирана од Гоце Наумов, дојдоа од НУ Завод и музеј – Битола, НУ Музеј – Гевгелија и НУ Завод и музеј – Прилеп.

 

Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е реализирана со поддршка од  Амбасадата на САД, која и овојпат покажа големо разбирање за афирмацијата и заштитата на културното наследство на земјава.

Од Филдовиот музеј информираа дека Вилијам Паркинсон, куратор на оваа изложба, рече: „Изложбата беше спроведена во партнерство со 11 земји, на кои им се приклучија Соединетите Американски Држави и Канада, и 26 различни музеи. Многу од културните предмети никогаш не биле изложени надвор од нивните земји на потекло, а некои никогаш не биле изложени. Изложбата ‘Првите кралеви на Европа’ е единствена можност да се видат овие културни објекти на едно место“. Паркинсон додаде дека изложбата „зборува за еволуцијата на нееднаквоста. Но, исто така, за еволуцијата на лидерството и луѓето кои, всушност, станаа владетели во тие општества“.

 

 

Наумов додава дека артефактите од Македонија, вклопени во исклучителната изложба, говорат за тоа дека стопанството и религијата биле постојано испреплетени – од формирањето на неолитските земјоделски села до појавата на благородниците од железната доба.

Македонските раритетни пронајдоци од изложбата „Првите кралеви на Европа“ се дел од турнејата во Северна Америка што почна во 2022 година, во Њујорк, а по Чикаго, заврши во 2024 година во Отава, Канада.

„Првите кралеви на Европа“ е резултат на исклучителен културен проект, инициран пред шест години под координација на Музејот „Филд“, а ги презентира најважните праисториски археолошки артефакти од збирките на музејски институции од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Унгарија.

Изложбата е структурирана во четири главни делови: Територија пред кралевите: неолитски период; Првата позлатена доба: бакарната доба; Нови патишта на моќта: бронзеното време; Раѓањето на кралското семејство: железната доба.

Изложбениот курс се развива преку посебна сценографија, која комбинира прикажување на предмети со графички елементи, видео- и аудиоелементи.

Изложбата „Првите кралеви на Европа“ означува посебен момент на културна соработка меѓу државите од Северна Америка и Југоисточна Европа, во современо време на невидени можности за истражување на почетоците на историјата во овој дел од светот преку нови перспективи.