Во Бигорски се очекува масовно присуство на верници на денот на патронот
По тој повод бигорската обител упати покана за достојно и со почит одбележување на патронот.
-Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча, стои во поканата на Бигорскиот манастир за престојната манастирска слава.
Се посочува дека со големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, се поканети сите благочестиви православни Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество на денот на неговиот голем празник. Да се помолат пред неговата славна и чудотворна бигорска икона преку која ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат.
Одблежувањето почнува на 10 септември, вторник во 18:30 часот со свечена архиерејска Вечерна богослужба, по која, во манастирскиот двор настап ќе има ансамблот „Македонија”.
На денот на патронот ќе биде одржана утрена богослужба со почеток во 7:30, а во 9:00 часот почнува Света архиерејска Златоустова литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот повардарски неговото високопреосвештенство, г. Агатангел.
Манастирот е основан во 1020 година и е посветен на Крстителот Господов, свети Јован за кого господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него.
Вечерта спроти празникот се очекува во Бигорски да има околу две илјади верници, од сите делови на нашата држава. Моментно има на 200 верници.