Во Албанија во јули опожарени 28 илјади хектари површина, со предизвикана штета од 160 милиони евра

Пожарите во Албанија, главно во втората половина од минатиот месец, кои во просек ги имаше по 25 дневно, опожарија повеќе од 28 илјади хектари површина, пред сè шуми, што е една од најголемите површини во последната деценија.
– Во споредба со 2023 година, пожарите што избувнаа оваа година, од кои повеќето се случија во втората половина на јули, опожарија површина пет пати поголема. Земајќи ги предвид трошоците за пошумување, трошоците за регенерација на земјиштето и загубите во дрва, економската штета од пожарите оваа година се проценува на над 160 милиони евра, објавија медиумите.
Додаваат дека процената на трошоците ја прави Европскиот информативен систем за шумски пожари, кој досега следел 58 пожари што се прошириле на шумите и пасиштата.
– Врнежите од дождот деновиве ги изгаснаа речиси сите пожари, но не може да се исклучи можноста дека и август ќе создаде слични ситуации. Под сомнение за подметнување пожари во различни делови од земјата уапсени се 21 лице, но полицијата продолжува со истрагите на самото место за да ги идентификува сите одговорни за кривичното дело подметнување пожар, без разлика дали се намерни или поради небрежност, изјавиле од министерството за внатрешни работи.
Според податоците од Институтот за статистика, Валона, Скадар, Пешкопеја, Булќиза, Либражд и Корча се областите со највисока стапка на уништување на шумите од пожарите. Многу од пожарите биле во близина на крајбрежјето, туристичките одморалишта, како и национални паркови.
– Намерното палење пожар не е само кривично дело, туку е и закана за животот, природата и иднината. Секој пожар предизвикан од намерно палење е казнив со пет години затвор, но ако предизвика значителна материјална штета или има сериозни последици по животот и здравјето на луѓето, кривичниот законик предвидува затворска казна од 10 до 15 години, додаваат од МВР.
Во гаснењето на пожарите освен противпожарните бригади, учествуваа албански армиски и полициски хеликоптери, пет грчки, унгарски и хрватски хеликоптери, како и италијански канадер.
Пожарите проголтаа и околу 20 објекти (индивидуални станбени згради), маслинови насади, црква, имаше повредени неколку пожарникари и полициски командир, кој при спасувањето на дете и неговата баба се здоби со изгореници, но за среќа немаше човечки загуби.