Во Аеродром, следниот месец треба да се отвори градинката „Црвенкапа“
Проблемот со сместување на децата во градинка во општина Аеродром, ќе го намали отворањето на градинката „Црвенкапа“, која е при крај, а на нејзина изградба работеа три општини администрации.
– Се работи за еден објект кој што на свој начин има континуитет од две претходни општински администрации, проектирање, планирање и така натаму, но тоа што нас не радува е што во нашиот мандат успеавме да го финансираме, да го завршиме овој проект, вредноста е некаде околу 89 милиони денари, градинка со капацитет од 200 дечиња, почеток на решавање на еден од најгорливите проблеми на територија на општина Аеродром, а тоа е недостатокот на места за деца во градинка – рече Тимчо Муцунски, градоначалник на Аеродром, кој ја посети градинаката.
За прв пат објект на една градинка во Македонија е уредена со еден македонски бренд, односно со „Биби и Боби“.
Како што појасни Муцуснки тие длае една поголема донација која што ќе ја презентираат во следниот период за оваа градинка „и едно партнерство кое што сакаме да го направиме со тој бренд кој што е позитивен кај младите дечиња, многу го сакаат и сметаме дека ќе ги разубавува сите други нови градинки кои што ќе ги работиме во Аеродром“.
– Нашата цел е во 2023 година да се почне на територија на Општина Аеродром со изградба на дополнителни три нови градинки, локациите се утврдени, имотно-правно разрешуваме одредени предизвици кои што постојат поврзани со земјиштето, проектираме и во 2023 година веќе планираме да почнеме со изградба на тие три нови дополнителни објекти. До крајот на мандатот до 2025 година практично да нема дете на територија на општина Аеродром кое што ќе чека за место во градинки – додаде Муцунски.
Добиени се согласностите од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии за вработување во оваа градинка „Црвенкапа“ и се очекува некаде најдоцна до крајот на месец ноември истата да биде функционална.