Во Аеродром поставени хотели за опрашувачи, односно за пчели


Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска оствари неформална средба со британската амбасадорка Рејчел Галовеј и со претставници на граѓанското здружение „Новинари за човекови права“.

На средбата беше презентиран проектот „Хотели за опрашувачи“ во реализација на „Новинари за човекови права“, а поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Во рамките на настанот беа презентирани дрвените куќички – хотели за опрашувачи, односно за пчели, како дел од проектот, кои подоцна ѝ беа донирани на општината. Куќичките претставуваат прибежишта за опрашувачите во текот на зимските месеци и помагаат во нивно зачувување во урбани средини.

„Пчелите се многу важен дел од нашиот екосистем и ова значи огромен придонес во заштитата на животната средина“, рече градоначалникот Муцунски, додавајќи дека Општина Аеродром ќе се посвети на едукација, образование и создавање навики кај најмладите како да се грижат за животната средина.  

Исто така, на средбата со британската амбасадорка Галовеј стана збор за идни проекти во Општина Аеродром поврзани со менаџментот на кризи, заштита на животната средина и слично. Таа рече дека и во иднина несебично ќе ги поддржуваат сите проекти што ја подобруваат животната средина.

Заедничкиот заклучок од средбата е дека со децата треба да се работи од најрана возраст во едукација за важноста на климатските промени, потребата да се дејствува итно и чекорите што може да ги преземе секој од нас за да ја заштити животната средина.