Во 81 општина во Македонија има само 14 инспектори


Граѓаните од општините очекуваат транспарентност, отчетност и одговорно владеење, сигурност во давањето на услугите, континуитет и квалитет на услугата, достапност на услугите и заштита на корисниците, се заклучоците од Истражувањето „Сопствените приходи на општините за обезбедување на квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемија, спроведено од страна на Државниот завод за ревизија во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.

На денешната презентација на заклучоците од истражувањето беше наведено дека општините очекуваат зголемување на изворните приходи, зголемување на блок дотациите од централната власт кон локалната власт, подобрена законска рамка, како и зголемен степен на децентрализација во корист на локалната власт.

– Потребно е преземање на дополнителни мерки и активности од страна на единиците за локална самоуправа и надлежните органи за зголемување на нивото на изворните приходи на единиците на локалната самоуправа, за обезбедување на подобри услови за давањето на услугите кон граѓаните, за поголема информираност на граѓаните за услугите и видот на активностите коишто ги спроведуваат, обезбедување на поголемо учество во донесувањето на одлуките на ниво на единиците на локалната самоуправа, обезбедување на поголема отвореност и зголемување на квалитетот на давањето на услугите кон граѓаните, нагласи главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Тој потенцираше дека истражувањето укажува на потребата дека навистина единиците на локална самоуправа треба да преземат дополнителни мерки и активности за зголемување на квалитетот на услугите во делот на урбанистичкото планирање, заштитата на животната средина, во делот на здравствената заштита и во областите во кои единиците на локалната самоуправа имаат надлежности.

Борче Треновски, професор на Економски факултет, оцени дека за да имаме задоволни граѓани и да имаме воопшто услуги кои се квалитетни и навремено достапни за граѓаните, важно е да имаме силни и здрави општини. Тој додаде дека за да имам силни и здрави општини важно е тие да имаат добри и здрави финансии, да имаат финансиска дисциплина и да имаат квалитетен кадар.

– Она што се случи во времето на пандемија и сега се случува во енергетската криза, покажа дека отпорноста на нашите општини не е така голема, односно нивните и буџети и услуги и други капацитети кои ги имаат се исклучително ранливи. Од тие причини се потребни позначајни реформи пред да дојде до таа криза, затоа што во криза ескалираат обично овие ниски капацитети на општините, нагласи Треновски.

Професорот истакна дека потребно е да се види одговорот кој го имавме во пандемијата и сега во енергетската криза, како што рече, немаме заеднички одговор, тоа не е систематски, секоја општина презема различни мерки.

– Едните ставаат фотоволтаици, другите не ставаат фотоволтаици. Тогаш беше исто, едните донесуваа едни мерки согласно нивните капацитети, другите не. Централната власт во периодот претходно отсуствуваше со мерки кои би им помогнале директно на единиците на локалната самоуправа. Се разбира, и тие требаше тоа да го побараат на конструктивен начин, меѓутоа со цел во иднина да се оневозможи тоа, потребно е да се има систематски, заеднички пристап и заедничка координација на централната и локалната власт, посочи професорот.

Тој нагласи дека потребно е да се пријде системски, посочувајќи го фактот дека пред неколку години се дадени 50 милиони евра со цел да им се отплатат дел од обврските на општините.

– И тогаш мојот став беше, а и денеска е, дека без да се направи систематска анализа за причините и коренот на проблемите во различните општини, не требаше тоа да се направи на еднаков начин кон сите.  Во смисла на едно место беше тоа неефикасно, на друго беа блокирани поради долгови, односно поврзаност со претпријатија од пред 20-ина години, дел беа во стечај, не постоечки, дел имаа правни процеси, дел имаше корупција, дел имаше нестандардни односно, некои процедури кои ги блокираа општините… Голем дел од тие општини, кои тогаш беа во специфична состојба, се лоши и денес, истакна Треновски.

Тој информираше дека истражувањето покажало оти истите општини кои имале најслаби приходи по глава на жител, се провлекуваат со послаби капацитети во сите сегменти и тоа е постојано така.

– Тоа не значи дека една општина е слаба или има долгови и обврски, а е прилично добра во друга сфера, прилично се слаби. Тоа е едната причина и оттука мора да се тргне во сржта на проблемот – која е причината. Прво, мораме да имаме финансиска дисциплина, во дел од општините тоа се направи – со новите закони имаме, барем делумно ќе се направи обид да се стават во некоја рамковска, односно нивните трошоци ќе се замрзнат ако пречекорат одреден процент, што се случуваше, бидејќи често знаат нивните планови да отстапуваат 30 до 50 проценти од реализацијата. Тоа создаваше нови обврски и нови долгови. Од тие причини тоа сега делумно ќе биде зауздано, рече Треновски.

Од друга страна, тој ја спомена нестабилноста. Професорот потсети дека има 20-ина општини кои беа со блокирани сметки и никогаш не се прогласи финансиска нестабилност, сега, како што додаде, и тоа ќе биде адресирано во смисла ако градоначалникот не го прогласи тоа, има обврска Советот да пријави до Министерството за финансии.

– Значи, таа општина ќе се блокира, ќе биде под притисок да ги среди своите финансии. Значи, има определен напредок, меѓутоа имаме и определени недоследности, изјави професорот.

Тој оцени дека еден од клучните проблеми со кој ќе се соочуваат во иднина општините е проблемот со човечкиот кадар.

– Јас работам со делови од раководители, со финансиски одделенија гледаме дека таму во 50 проценти од општините капацитетите се исклучително слаби. Значи ќе мора да се направи нешто и со управување со човечкиот капитал, инспектори. Инспекторатите се исто така голем проблем за квалитетот на услугите на граѓаните. Имаме од 14 до 16 инспектори во 81 општина, главно за даночни, а сопствените приходи на општините се исклучително ниски.  Две работи треба да бидат клучни, на една страна да се подобрат сопствените приходи на општините, да се притиснат, на друга страна да се подобрат нивната финансиска дисциплина и трето да се направи подобра контрола на услугите кои ги испорачуваат. Сега контролата на услугите е многу скромна, рече Треновски.