ВМРО негаторска


Македонија од денес е држава со перспектива, која ги остварува двете најважни стратегиски цели за кои работеше три децении. ВМРО-ДПМНЕ и понатаму се храни со популизам, па и сега порачува дека доаѓало времето кога тие ќе нѐ направат горди. Како и во оние 11 години

 

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Дури ни епидемијата со корона вирусот не ја стави во сенка одлуката на министрите на ЕУ да почнат преговорите за членство со Македонија. Точниот датум кога ќе се случи тоа не се знае, но би било несериозно во моментов да се каже такво нешто, кога никој не знае колку ќе трае вонредната состојба во Европа. Пораката беше – колку што е можно побргу.

Тоа што се собраа министрите на ЕУ на видео конференција само заради нашите преговори со Унијата и што шпанскиот парламент претходно гласаше буквално од дома за нашиот протокол за прием во НАТО, кога и премиерот Педро Санчез е во карантин, е гест што покажа колку бил голем товарот што го носела меѓународната заедница што двапати ги изневери сосема очекувањата во Македонија. Сега грешката е исправена, прославата ќе почека, но ништо не може да ја помати радоста и новата реалност – дека од денес натаму Македонија нема да биде веќе тоа што беше до вчера.

Македонија од денес е држава со перспектива, која ги остварува двете најважни стратегиски цели за кои работеше три децении, која оди напред и во која од сега натаму ќе важат нови правила и вредности. Нема да биде веќе најважно кој што зборува, туку кој испорачува успеси и подобра перспектива, бидејќи сега се виде дека било можно тоа со повеќе политичка волја. Нема да си губиме време исто така со симболика, кога пред нас ќе се отвори простор за реална промена според стандардите на Европската Унија. Нема да гледаме назад и да се бараме меѓу губитниците заради секакви некакви неправди од другите кон нашата држава, туку ќе седиме рамноправно на маса во НАТО со најмоќните и ќе преговараме на друга маса во ЕУ со најбогатите. Тие што мислат дека можат да го запрат времето и да ја закочат новата реалност со приказни колку не ни треба сега Европската Унија и како ќе сме го врателе името, брзо ќе сфатат дека ги прегазила историјата.

Што ни се случи, всушност, денес? „Неспособната“ и „аматерска“ влада на СДСМ успеја за само две ипол години да оствари сон на многу генерации Македонци, наспроти многу способната и загрижена за судбината на Македонија ВМРО-ДПМНЕ која за единаесетте години на власт успеја само да ја спречи Македонија да стане членка на ЕУ заедно со Хрватска. Колку и да сака некој да се фокусира на добрата вест, не може да ја игнорира честитката на главната опозициска партија за добивањето датум за преговори од Унијата. Иако заборавија да споменат дека СДСМ двапати лажел дека сме добиле преговори, како и тоа дека „сѐ уште“ не сме членка на НАТО, како најдобра вест го посочија тоа  – дека по изборите тие ќе дојдат на власт и на брза лента ќе нѐ внесат во ЕУ.

Иако досега покажаа дека се подобри во излегување од стратешките партнерства, дел од заслугите за денешната одлука си ја препишаа себеси, посочувајќи на десетте последователни позитивни извештаи на ЕК за нашата држава, кои беа позитивни само за да спречи Брисел да не исчезнеме од радарот на евроинтеграцијата, бидејќи Никола Груевски го сакаше токму тоа. И, како партија без контакт со времето и со реалноста, на денот кога Македонија го оствари вториот најголем успех во својата понова историја, ВМРО-ДПМНЕ ни порача дека доаѓа времето кога тие ќе нѐ направат горди, бидејќи сега „Заев и СДСМ ја омаловажиле и опустошиле Македонија“. Со што – со тоа што нѐ внесоа во НАТО и ни обезбедија датум за преговори? Дури ни корона епидемијата не може да го сокрие тоа дека ВМРО-ДПМНЕ остана партија за добивање ситни поени, а СДСМ, каква-таква, носи големи и храбри одлуки за државата.

Неколку работи, сепак, се побитни, откако ЕУ нѐ израдува со одлуката: првата е дека треба да им симнеме капа на европските министри и на Шпанија што во вакви тешки времиња покажаа доблест и разбирање за Македонија. Ни покажаа дека за нив Македонија значи и дека тоа што го правиме сепак се вреднува. Втората работа е дека некои во Македонија не ја разбираат важноста на одлуката, некои имаат веќе европски пасоши, па и не им е толку битна, а некои имаат спротивна идеја за тоа каде треба да оди земјата, но огромното мнозинство од граѓаните три децении ја чекаше оваа вест. Третата работа е дека одлуката на Заев да го врати мандатот и да направи политичка криза откако ЕУ не ни даде јасен датум за преговори Брисел го прочита како што треба – дека не може да им удира нож во грб на тие што ги исполнуваат нејзините барања и да очекува потоа земјите да опстојат во курсот. Четвртата порака е дека од оваа перспектива и не изгледа веќе толку тешко нашиот прием во НАТО и во ЕУ, бидејќи се виде многу јасно дека во прашање била политичка волја и многу повеќе грижа за државата место за фотелјата. Петтата порака е дека тие што се хранеа со популизам и негаторство треба да си најдат нов пристап бидејќи отсега натаму ќе немаат аргументи за преубавото назад.

Останува само некој да му каже на Наќе Чулев да ја симне Република Македонија од официјалниот профил на Фејсбук бидејќи тоа не ни носи ни членство, ни помош, ни европски стандарди, а тешко дека веќе носи и гласови.