ВМРО-Народна бара да се повлечат законите за „Бехтел и Енка“


 

И ВМРО-Народна, партијата чиј лидер беше шампион во потпишување штетни договори, бара да се повлечат законите за „Бехтел и Енка“. Преставникот на партијата Љупчо Балкоски  бара исто така јавно да се објави договорот помеѓу Владата и компанијата за изградба на автопатишата. Балкоски посочи: „Бидејќи договорот не е доставен официјално, бараме од Владата да го објави договорот или да им го презентираат на коморите, стручните здруженија и на невладините организации од оваа дејност и да објасни дали измените и дополнувањето на законите се содржани во договорот како обврска на Владата“.

„Зошто е потпишан, прво, договорот, па се прават измени на законите, кои на стратешкиот партнер му даваат најповластена состојба од сите досегашни инвеститори во Македонија?“, праша Балкоски и додаде „ВМРО-Народна партија за предлогот за потребата од донесување предлог-закони по скратена постапка за изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10д гласаше против тие да се разгледуваат на седница на Собранието“.

Тој додаде дека Владата треба да објасни зошто надлежните министерства не се подносители на законите, туку ги поднесуваат пратениците.

„Договорот со ‘Бектел и Енка’ е потпишан на 28 март, а на 4 април се почнати и работите. Не може по потпишување договор и почнување на работите, да се менуваат условите за работа, особено со менување закони што имаат влијание врз изградбата, финансиите и рокот за изградба. ВМРО-НП уште при донесување на основниот закон во 2021 година реагира на членовите од договорот со кој се исклучуваат примените на законите во целост или делумно и ги потенцира сите проблеми што сега се отвораат. Напоменуваме дека со донесување на овие закони се исклучува примената на финансискиот систем на државата и на правниот систем во делот на важноста на овие закони“, рече Љупчо Балкоски и побара повлекување на законите.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, тврди дека донесувањето на законите за изградба на автопатите за кои опозицијата има критики може да се спречи. Според него, законите треба да се разгледаат на четири комисии, од кои со три раководи ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече: „Ако нешто помине, тоа ќе помине затоа што најголемата опозициска партија сака да помине. Ние со два пратеника ќе дадеме сѐ од себе ова да го спречиме со сите расположливи средства кои ги имаме“.