Ковачевски нехумористичен, ВМРО-ДПМНЕ „папагал“

За да биде премиерот Димитар Ковачевски хумористичен треба да има смисла за хумор и интелигенција, порачаа денес од ВМРО-ДПМНЕ , иако од првиот ден откако ја изгубија власта бараат избори, уште не ги добиле и сметаат дека за нив не важи таа забелешка.
-Ни се допаѓа што Ковачевски се обидува да биде хумористичен, но за тоа да биде прво треба да има некаква смисла за хумор и по малку интелигенција.Но, не ни се допаѓа што Ковачевски не разбира зошто одговорот на секое прашање е избори. Затоа што дури и времето да биде вистинско и правилно искористено за Македонија потребно е тој да замине од власт.До толку е едноставно, за Македонија да оди напред единствено решение се избори. Народот сака власт која легитимно ќе биде избрана на избори, а не како него инсталирана, порачаа од оваа парт, против чии членови инаку има судски процес за нелегитимно местење избори.
Премиерот Ковачевски пак ги нарече „папагалски“ нивните изјави.
-ВМРО-ДПМНЕ ми наликува на папагал. Нив што и да ги прашате велат избори. Колку е саат да ги прашате – велат избори. Имате ли план – избори. Што ќе правиме по избори – избори. Тоа го правеа 11 години, избори по избори имавме, а државата не мрдна ниту еден милиметар, изјави премиерот.
Според Ковачевски, ако ги погледнете позициите на ВМРО-ДПМНЕ во моментот, не може да најдете ниту еден европски или американски политичар кој стои на тие позиции.
– Има само еден политичар во ЕУ којшто ги брани позициите на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е Никола Груевски од Унгарија. Тој е единствениот политичар кој ги брани нивните позиции и затоа сметам дека ова е исклучително важен процес, затоа и толку е вниманието на јавноста насочено, затоа е и толкава посветеноста на сите политички партии, се со цел да донесеме одлука која конечно Северна Македонија ќе ја стави неповратно на патот кон интеграција во ЕУ. Нормално заедно со државите коишто веќе преговараат, бидејќи доколку не ги донесеме одлуките ќе ни се повтори тоа што ни се случи во 2008 година и Србија, и Албанија и Црна Гора ќе отидат пред нас, а ние ќе останеме во друштво со Босна и Херцеговина и со Косово, изјави Ковачевски.
Ковачевски, меѓу другото, посочи дека интеграциските политики коишто ги води оваа Влада покажува економски перформанси.
– Бројот на вработени во мандатот на оваа Влада е намален за 52 проценти, бројот на вработени само во една година е зголемен за 9,5 проценти, бројот на работни места коишто се платени над просечната плата расте. Ако со нешто се фалеа тоа беа 360 милиони евра странски директни инвестиции во 2016 година, минатата кризна година беа 760 милиони евра странските директни инвестиции. Се фалеа со бројот на вработени во странските економски зони, во 2016 година вкупниот број на вработени во странските економски зони беше шест илјади вработени, денеска се 17.500 вработени со плати дупло и повеќе повисоки од тоа време. Што значи дека таа политика која 11 години се водеше даде само непосакувани резултати, изјави Ковачевски.