ВМРО-ДПМНЕ во мат позиција


ЕРОЛ РИЗАОВ

По добрите вести од Брисел за почеток на преговорите во декември и за македонскиот национален идентитет и јазик, антиевропскиот курс на ВМРО-ДПМНЕ се соочува со тежок пораз на изборите

 

Со еден потег на Брисел ВМРО-ДПМНЕ се најде во мат позиција десетина дена пред изборите. Не затоа што преговорите со ЕУ ќе почнат во декември годинава како што кажува добрата вест, туку затоа што е урната целата деструктивна изборна стратегија на лажниот патриотизам, чии столбови се потпираа на предавството со склучените договори за добрососедство со Грција и со Бугарија, на оспорениот национален идентитет на Македонците и за наводната загрозеност на македонскиот јазик, на свитканиот ‘рбет на народот. Ништо не остана од лажната кула од карти, денес ВМРО-ДПМНЕ издиша како дупната тракторска гума.

Јаз’к што уште се трошат народните пари, што украдени што од буџетот за лажната антидржавна и антинародна кампања.

Преговарачката рамка со ЕУ ги брише лагите како со гумичка на погрешната писмена работа на повторувачот кој ја промашил темата. Големата единица како бандера е напишана со опомена од известувачот за напредокот на Македонија, Илхан Ќучук, дека раководството на  ВМРО-ДПМНЕ ја враќа Македонија на позициите од пред три години кога беше урната заробената држава. Во бриселската рамка нема ни збор оспорување на реалноста за националниот идентитет на Македонците и за македонскиот јазик. Тука нема ништо спорно според цивилизациските меѓународни норми на самоопределување.

И наместо да го фати последниот воз старо-новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и да ја прифати убавата и охрабрувачка вест во овие тешки времиња на епидемија, како голем успех и да изрази јавно подготвеност за партиски консензус за непречено остварување на стратегиските државни интереси и цели, од горското началство стаса ново валкано подметнување. По тревогата и шокот поради  добрите вести од Европа, следуваше  скандалозен и срамен обид за  демант од врвот на  ВМРО-ДПМНЕ.

Младиот надежен идеолог на партијата, Тимчо Муцунски, срамежливо го поздрави усвојувањето на преговарачката рамка, но го потроши за миг својот нешто подобар статус во јавноста со тврдењето дека тоа воопшто не значи оти Македонија добила датум за преговори. Трагично е сознанието дека тоа може да се обистини и Македонија да не добие датум за преговори ни оваа, ни наредните години. Но, не поради Брисел и комшиите, туку поради ВМРО-ДПМНЕ и неговите погрешни политики. Вистина е, преговорите може да ги попречи за извесен период само намесничкиот врв на  ВМРО-ДПМНЕ со своето катастрофално однесување рамно на терористички акт против својата држава и народ.

Антиевропскиот курс што го пропагира ВМРО-ДПМНЕ може единствено да се спречи со тежок пораз на изборите на овие губитнички политики, кои зад себе кријат само попречување на правдата и спасување на носителите на организираниот криминал и корупција, кои во периодот од 11 години со неконтролирано владеење и тешки злоупотреби го извршија најголемиот грабеж во изминатите 30 години на независност.

Се повторува истата приказна како со членството во НАТО. Прво, тоа беше негирано како лага и невистина и дека нема шанси Македонија да стане членка на најголемиот светски воен и политички сојуз, а потоа, кога тоа се случи, излезе дека ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш биле за членство во НАТО и дека тоа е нивен успех и заслуга. Така ќе биде и со почнувањето на преговорите со ЕУ кога тоа ќе стане очигледна реалност.

Една по една се откриваат стратегиите и носителите на лажни вести. До вчера за цел глас се трубеше за „бомбата“ во која извесен бизнисмен од Црна Гора Миодраг Давидовиќ – Дака дал мито од 300.000 евра за Зоран Заев. Дури и на ТВ дуелот Заев – Мицкоски тоа беше еден од адутите на кандидатот за премиер на ВМРО-ДПМНЕ. И што се случи – се огласи  Давидовиќ со отворено писмо и кажа дека навистина дал 300.000 евра ама во времето на Никола Груевски, а не на Зоран Заев.

Се разбира, тоа во ВМРО ДПМНЕ не е ништо вознемирувачко. Голема работа – ги фатиле во лага. Не е првпат. Тие одамна ја прифатиле доктрината на перницата со пердуви. Ја знаете таа стара добра новинарска патка. Лажните вести се како пердувите во перницата која ќе ја распарате. Тие ќе летнат носени од ветерот на сите страни. А демантот, односно вистината е кога ќе ги соберете сите пердуви повторно во перницата. Неизводлива работа како да барате игла во стог сено. Арно ама ете, што би рекол бегалецот од Будимпешта – вистината е како шило кога тогаш излегува на виделина. Овојпат во вистинско време.

Ќе повторам којзнае по кој пат – Видовден оваа година се паѓа на 15 јули. Не бираме партија, бираме дали ќе одиме напред, или назад. Па кој кај сака.