ВМРО-ДПМНЕ вели „Премногу е“ и најави граѓански протест за 18 јуни

Од СДСМ одговорија дека протестот е демократско право на опозицијата, но дека „невидените“ чекори кои ги најавуваше Мицкоски се свеле на еден протест за еден месец од сега


Тимчо Муцунски

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва најави дека на 18 јуни, пет дена пред клучниот самит на лидерите на ЕУ за време на француското претседателство, ќе одржи голем граѓански протест на кој ќе се побраат предвремени парламентарни избори. А во исто време ќе ја продолжи  и активната блокада на Собранието.

Тоа вечерва го изјави потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски, пренесувајќи ги одлуките на Извршниот комитет на партијата. Тој рече дека избори можеле да се организираат за помалку од два месеци.

Велејќи дека „молкот не е опција! Премногу е, ова е протест за промени“, Муцунски нагласи дека тоа ќе било сериозно обединување на граѓаните кои се незадоволни од политиките на Владата. Основната причина за донесување на ваквите одлуки, според она што го кажа Муцунски, е отсуството на каква било подготовеност на премиерот и владејачката гарнитура за воспоставување вообичаен политички дијалог со опозицијата и барем минимум државно единство во поглед на нашите барања за изнаоѓање решение околу одредени кризни состојби и предизвици со кои се соочува подолг временски период нашата држава.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата не покажала адекватна способност за соочување со економската и финанансиската криза придружена со постојат пораст на цените и висок процент на инфлација, јавниот долг на државата се зголемил енормно, странските инвестиции се на исклучително ниско ниво.

Муцунски дополни дека државата има неефикасна и неодговорна дипломатија за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ, а функционирањето на правосудниот систем и понатаму е тема на загриженост од страна на меѓународните фактори од каде ни се упатувале кредибилни забелешки.

На ваквата најава веднаш реагираа од СДСМ, од каде рекоа дека „ако на Мицкоски му е потребен еден месец за да организира еден протест, тоа говори за внатрешните проблеми кои ги има за да си ја зачува сопствената фотелја во ВМРО-ДПМНЕ. Како и да е, протест е демократско право на опозицијата“.

Од таму уште еднаш повторија дека прашањето за изборите било затворено: „Што се однесува до изборите, тоа прашање е затворено. Изборите ќе бидат редовни во 2024 година и на тие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе загуби.

СДСМ Нагласува дека „какви било деструктивни идеи за блокада на државата нема да успеат и повторно ќе бидат поразени“.