ВМРО-ДПМНЕ вели дека Шолц бил погрешно преведен од „службите“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска се обиде да го намали значањето на гаранцијата што ја даде германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференцијата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, тврдејќи дека имало грешка во преводот.
Пратеникот Драган Ковачки, кој е и член на Извршниот одбор, денеска на новинарите им рече: „Ве повикуваме уште еднаш да го погледнете преводот на изјавата. Цениме дека е направена грешка во преводот, намерна или не намерна од службите“.
Според правилата на државните посети, преводот го обезбедува домаќинот, па изгледа прилично неверојатно канцеларството на Германија да ангажира преведувач кој погрешно ќе ги пренесе зборовите на канцеларот Шолц на македонски.
„Тоа е јасно договорено да биде редовен процес според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи што се напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесуваат на билатералната состојба. За тоа стојам јас. Гарантирам“, рече Шолц на прес-конференцијата според симултаниот превод.
Во транскриптот на официјалната веб-страница на канцеларот Шолц се наведува неговиот одговор:
„Многу благодарам за прашањето. Сакам да бидам многу јасен. Не, тоа е дискутирано. Тоа треба да биде целосно редовен пристапен процес, со сите процедури што ги контролира Европската унија. Се разбира, сите работи кои се во прашање се запишани на хартија. Во однос на билатералната ситуација нема нови. Тоа е она за што јас стојам“.
Ковачки рече дека партијата имала ист став како Шолц, да нема нови условувања, но тоа не биле гаранции. Тој додаде и порано имало „безброј изјави и тапкања по рамо по договорот од Нивици, после што Македонија не доби ништо и сѐ уште е во чекалницата на Европската унија“.