ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Заев нуди широка влада за да се спаси од одговорност, СДСМ бара да се вразумат
Заев наместо како премиер, се однесува како шанер, од храбрење за стабилно мнозинство се сведе на приказни за широка влада само за да се спаси од одговорност. Ако неговиот предлог е бегство од одговорност, тогаш треба да знае дека пактови со криминалци ВМРО-ДПМНЕ не прави и нема да има, порачаа денес од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, сето ова доаѓа откако бил присилен од јавноста и меѓународни фактори да го затвори Сашо Мијалков и да управува како со марионети со оние како Никола Тодоров, кои одработуваат за Заев и за лична корист.
-Провидна е играта на Зоран Заев. Му се потрошија Мериот коалициите, различните доктори за смрт како што сами ги нарекуваа, а сега пробува директно да се меша и во ВМРО-ДПМНЕ. Оркестрираното делување со некои поранешни министри кои не се повеќе дел од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека Заев стои зад различните иницијативи, мериотовски коалиции, се со цел да го покрие неговиот страв.
Од вештачката радост за наводно мнозинство во Собранието на Македонија до молење за широка влада, зошто Зоран Заев знае дека владата ќе му падне.Византиските игри на Заев не го спасуваат од пораз. Заев нуди широка влада, а Али Ахмети одбива, а во суштина се договорени, порачаа од опозицијата.
Ос СДСМ пак возвратија дека со месеци Христијан Мицкоски живеел во фатаморгана дека станува премиер и дека заради остварување на неговите хирови, тој и неколку негови соработници со месеци ја лажеа јавноста дека има ново парламентарно мнозинство, дека Владата предводена од СДСМ само што не паднала.
-Мицкоски и неговите поддржувачи со месеци ги блокираат важните процеси за иднината на државата само за тој да си ја задржи фотелјата во белиот дворец.На крајот, се потврди дека сите лаги, сите блокади и опструкции се со една цел – спас на фотелјата на Мицкоски во белиот дворец.Внатрешните пресметки за превласт во белиот дворец Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ги прекршат врз грбот на граѓаните.Ако навистина се за интересите на граѓаните, а не за интерсите на Мицкоски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ треба веднаш да престанат со деструкциите и да научат нешто од дебаклот што го доживеаја.Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да се вразумат и конечно да се престројат на страната на граѓаните и државата.Со или без нивната поддршка, реформите во интерес на граѓаните продолжуваат, ќе продолжи и напредокот на државата, порачаа од СДСМ.