ВМРО-ДПМНЕ тврди дека пожарите биле организирана акција


На прес-конференција од партиската говорница, пратеникот Бране Петрушевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денеска рече оти тоа што се случувало во Скопје со пожарите, воопшто не било случајно, туку очигледна цел од организирана акција на лица кои не мислат добро ниту на главниот град, ниту на земјата.

Петрушевски вели дека полицијата пронашла дрва потопени со бензин, гуми и ракавици на неколку места каде што избувна пожар минатите денови, при што како што рече биле приведени и неколку лица кои се поврзуваат со опозицијата и нивни функционери и прашува дали целта на овие акции биле да се создаде хаос во Скопје.

„И дали затоа веднаш по избивањето на пожарите се вклучи СДС и до нив блиски чинители со соопштенија и коментари? Тргна ли опозицијата во организирана акција за искористување на пожарите во политички наратив?“, праша Петрушевски.

Дополнително вели дека хаосот кој некој го проектирал не се случил, но дека останува отворена дилемата за политичката позадина, која како што рече, доколку се докаже, ќе треба да се понесе сериозна одговорност.