ВМРО-ДПМНЕ: Списокот на Каракачанов е лага
ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира „лагите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот фејсбук профил“. Ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест, реагираа денеска од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, откако бугарскиот вицепремиер на својот официјален фејсбук профил објави 20-ина имиња за кои вели дека „се многу интересни имиња на луѓе од Македонија кои, според него, имаат бугарски пасоши“.
„Деновиве ги ископав веб-страниците на бугарските општини и доволно е да се погледне објавениот список на избирачи за да се најдат многу интересни имиња, сите луѓе од Македонија, кои стекнаа бугарско државјанство врз основа на декларираното бугарско потекло и се идентификуваа како етнички Бугари“, напиша Каракачанов на Фејсбук и ги наведува имињата на „Александар Николоски – запишан во областа Средец – Софија, Антонио Милошоски – запишан во областа Вазараждане – Софија, Никола Мицевски – во Ќустендил, Стефан Андоновски – Ќустендил, Марија Андоновска – Благоевград, Љупчо Димовски – Ќустендил, Бојан Стојановски – Благоевград, Иван Јорданов – Ќустендил, Игор Здравковски – Ќустендил, Марија Петрушевска – Средец, Дајанчо Ефтимов – Благоевград, Здравко Трајанов – Благоевград, Александар Пандов – Средец, Петар Богојески – Обориште, Филип Петровски – Средец, Стевица Јанева – Петрич, Тало Груевски – Благоевград“.
„Се разбира, секое совпаѓање на имиња со луѓе кои заземаат водечки политички и јавни функции во Македонија може да биде случајно“, стои во објавата на Каракачанов.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека „во ова е замешан премиерот Зоран Заев“.
„Она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали. Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување. Но да им порачаме и на Каракачанов и на Заев дека оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно во врска со ова реагираше и пратеникот и портарол на СДСМ, Костадин Костадинов, од чија партија во списокот на Каракачанов препознале функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е проблем што половина раководство и пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ, од Антонио Милошоски до Бојан Стојановски, Александар Николовски, потпишале изјава дека се бугарски производ и земале бугарско државјанство. Проблем е што глумат загрижени и поголеми македонци од нас, кои немаме резервна татковина, за разлика од нив“, објави Костадинов.
„Најчесно и најодговорно тврдам дека она што Циркузантот Каракачанов го навел во статус на Facebook, а е поврзано со моето потекло и етничка припадност, е безобразна измислица“, напиша пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ како реакција на објавата на бугарскиот премиер на која се наведени имиња на македонски функционери кои имаат бугарски пасош, а меѓуи нив е и неговото.
„Јас сум горд Македонец, родум од херојско Ново Село, со потекло од најстарата библиска нација! Јаловите обиди за денационализација на Македонците, потпомогната од внатрешните предавници, како во минатото, така и во иднина ќе бидат казнети од населението што претрпело бројни обиди за обезличување и потценување.
Можеби борбата ќе е тешка, но ние сме овде за да победиме“, напиша Јорданов.