ВМРО-ДПМНЕ со лажни обвинувања за Заев дека негов поранешен возач подметнал пожар

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска на прес конференција обвини дека поранешен возач на Зоран Заев бил уапсен за подметнување пожар, што експремиерот и некогашен струмички градоначалник категорично го демантира.
Лефков, ја искористи оваа информација, која се покажа како лажна, да го посочи прстот кон актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, алудирајќи дека голем дел од пожарите во државата се всушност поттикнати од опозициската партија
„Во изминатиов период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази. Полицијата го уапсила лицето А.Н. шофер на Зоран Заев за подметнување на пожар. Фактот што шоферот на Заев ги подметнувал пожарите, отвора прашање, каква е вмешаноста лично на Венко Филипче, знаејќи за нивната блискост и поврзаност?“, рече Лефков.
Според Лефков, шоферот на Заев подметнал пожар во атарот на браната Водоча во Струмица.
„Ова е доказ дека пожарите во Македонија не се природна непогода, туку смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата“, обвини Лефков.
Демантот стигна набрзо, преку изјава на Заев за неделникот „Фокус“, при што тој вели дека посоченот лице било вработено во Општина Струмица, но никогаш не бил возач на Заев.
„Александар Николов е вработен во општина Струмица. Јас бев градоначалник на Струмица до 2016 година и во периодот од 12 години колку што бев градоначалник, шофер на градоначалникот (т.е. мој шофер) беше Ристо Ѓузелов до неговото пензионирање, а после тоа беше Кире Ангелов“, изјави Заев за „Фокус“.
Тој додава дека колку што се сеќава, Александар Николов во тоа време, работел на портирницата во општината и бил возач на општинско возило за потребите на општинските инспекции и останати општински служби за теренските активности.
„По завршувањето на мојот градоначалнички мандат го немам воопшто видено Александар Николов“, изјави Заев за „Фокус“.