ВМРО-ДПМНЕ со куп навреди и притисоци против јавниот обвинител


Државниот обвинител Љупчо Коцевски (Фото: Б. Грданоски)
 
ВМРО-ДПМНЕ во залетот да инсталира свои кадри во правосудството и во согласност со најавата на лидерот Христијан Мицкоски дека од неделава ќе почне да го расчистува, излезе со досега невидени навреди и закани кон јавниот обвинител Љупчо Коцевски бидејќи според нов ја кочи правдата, што дири и да е точно, не е негова ингеренција бидејќи оваа сфера е независна. 

-Од слоганот на СДС „Нема правда нема мир“, но и од правдата на која се надеваа дел во учесниците во Шарената револуција, денес правосудството е на дното, а довербата на граѓаните во судството и обвинителството блиску до нула, вели ВМРО-ДПМНЕ.Надежта за правда, на која се фокусираше СДС, заврши неславно со инсталирање на обвинители и судии избрани во Струмица и Зајас кои не постапуваат по наводите за криминал. Од урлањето на Зоран Заев дека ќе донесе правда во Македонија остана само клиентелизмот на судиите избрани во Струмица и Зајас кои ги опструираат предметите и не постапуваат.

Љупчо Коцевски шест месеци нема покренато ниту едно обвинение. Љупчо Коцевски е целосно одговорен за непостапувањето и неработењето на обвинителите под него.Љупчо Коцевски е одговорен за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДС и ДУИ. Коцевски наместо да работи на владеење на првото и да го санкционира криминалот, тој ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудството. Коцевски е платен од граѓаните и треба да ја гарантира правдата и владеењето на правото, а не да е во спрега со политичките криминалци на СДС и ДУИ.

Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас. Коцевски не постапува по наводите за криминал во Онкологија, ЈПДП, Државна Лотарија, ТЕЦ Неготино, РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, Министерството за здравство, нивите купувани вдолж трасата за автопатот Скопје – Блаце и мноштво предмети за кои известуваа медиумите.

Коцевски треба да знае дека правдата не смее да чека, граѓаните заслужуваат правда и не можат повеќе да трпат неуспех, несериозност и непрофесионалност од судиите и обвинителите, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.