ВМРО-ДПМНЕ: Симпатизерка на Путин дел од експертите за уставни измени


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение обвини дека еден од експертите во работната група, која ќе учествува во подготовката на уставните амандмани, е симпатизер на рускиот претседател Владимир Путин. Според партијата, се работи за Јагода Митревска – професорка на Меѓународен Славјански Универзитет.

„Јагода Митревска е новиот член на работната група за уставни измени која ја формираше Ковачевски. Таа се пофали дека учествувала во изборните кампањи на Русија, а на фотографии се гледа како гордо се фотографира пред простории и знамиња на партијата на Путин. Таква фотографија е објавена на социјалните мрежи и истата ја испраќаме во прилог на ова соопштение“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.

Опозициската партија обвини дека наместо експерти, премиерот Димитар Ковачевски одлучил во експертскиот дел од работната група за уставните измени да бидат луѓе кои, како што велат, не се ниту експерти ниту имаат искуство од областа, туку имаат сомнителни политички конекции.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред три дена изјави дека очекува кривична одговорност за експертите кои се вклучени во работната група за утврдување на уставните амандмани, зашто, како што рече, нивната работа е беспредметна оти ќе земаат хонорари од граѓаните, а практично нема да сработат ништо. Тогаш ги обвини дека се дел од семејните стебла на ДУИ и СДСМ.