ВМРО-ДПМНЕ влезе во конфликт со Груби, го обвинува за злоупотреби


ВМРО-ДПМНЕ му објави „војна“ на Артан Груби, а преку него сака да го урне рејтингот и на ДУИ, помагајќи им на „огнените“ да ја растурат партијата. На секој саат од оваа партија излегува обвинение за наводното богатење на семејството на Груби, при што се споменува дуќан на улицата „Македонија“  и бизнис со баждарење бензиски пумпи. 

Пратеникот Миле Лефков објави имотен лист според кој братот на Груби, Ветон Груби, додека  Артан е вицепремиер, на улица Македонија поседува голем деловен простор со површина од 127 мметри квадратни.

-Квадратен метар деловен простор на оваа локација се движи помеѓу 3.000 и 4.000 евра, што значи дека објектот на Груби вреди и до 500.000 евра.Артан Груби, да одговори како неговиот брат Ветон Груби го купува овој имот и со кои средства? И дали при купување на имотот на било кој начин е искористена неговата политичка моќ или политичко влијание?- порача Лефков.

Тие го повикуваат Груби да каже, како додека тој е вицепремиер, неговиот брат и нему блиски луѓе влегуваат во милионски бизниси и инвестиции, а Јавното обвинителство да отвори постапка за бизнис империјата, како и за потеклото на парите и можното злоупотреба на влијание од негова страна.

Исто така, од ВМРО-ДПМНЕ прашаа како  шалтерски работник во семејната фирма на Артан Груби станал сопственик на фирма за баждарење на бензиски пумпи „Метролаб“ и истата таа фирма четири месеци од нејзиното формирање добила акредитација од Бирото за метереологија раководено од Мерита Мустафи, кадар на ДУИ.

– Како сопственикот на оваа фирма која влегува во вносен бизнис останал да работи уште извесно време како шалтерски работник во туристичката агенција на Груби? Дали Груби стои зад оваа опрација, а неговиот вработен е само параван?- прашуваат од опозициската партија.

-Дополнително нешто кое што треба Груби и ДУИ да го одговорат е како истата таа директорка на Бирото за метереологија, Мерита Мустафи, се секнала со луксузна хациенда на Попова Шапка со големина од 150 метри квадратни и истата не ја пријавила во анкетен лист? Како со чиновничка плата некој во Македонија може да се стекне со таков луксуз и зошто притоа тој луксуз не го пријавила? Дали не е пријавен тој имот затоа што тешко може да се докаже како е стекнат?- додаваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според нив, Груби ја приватизирал партијата и да ги злоупотребува соопштенијата од ДУИ за да го одбрани сопствениот криминален октопод.

„Неговата криминализираност исто како и неговиот идол е до степен на клептоманија. Артан Груби, кој важи близок до коцкарското лоби, на Македонија гледа како големо казино. Овој пат ДУИ се коцка со судбината на Македонија и на Албанците и на Македонците. ДУИ наместо во немоќ да навредува и клевети, треба да се позанимава како се случи пожарот во модуларната болница, како се случи несреќата во Ласкарци, автобуската несреќа во Бугарија. Неспособноста на Артан се плаќа со животи“, додаваат оттаму.

Од ДУИ возвратија дека судско потврденото криминално здружение ВМРО ДПМНЕ на Христијан Мицкоски прераснало во двигател на антиалбански наратив во општеството и дека се натпреварува со Левица на Апасиев во расистички напади. Според нив, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Мартин Протугер, Биљана Бошковска, Елизабета Чингаровска и многу други со јавно признание пред суд признале и потврдиле дека ВМРО ДПМНЕ на Мицкоски е криминално здружение и дека тоа го запечатил судот со пресуда.

„ВМРО ДПМНЕ на Мицкоски е единствена партија во земјава чиј целосен имот е замрзнат од судот поради признанието дека е криминално здружение. Во обид да го сокрие овој голем срам, скандалозно унапредениот син од татко му на факултет, Христијан Мицкоски, идеолошкиот партнер на Додиќ, Јанша, Орбан и Апасиев, и политички хидро-бизнисмен, соработник со неговите бивши заменици и анти НАТО и анти ЕУ елементи во нашето општество, крои антиалбански наратив за да заличи на Левица на Апасиев и да придобие од неговата популарност кај екстремистички кругови – велат од ДУИ.

Според партијата на Али Ахмети, градоначалници на ВМРО–ДПМНЕ на Мицкоски, тврдат дека имаат насока од партискиот лидер – шпицен командант, да не издаваат потврди за легализација на домови на Албанци во нивните општини согласно законот и под никакви услови да не агажираат компании на Албанци во нивните општини како и да не издаваат дозволи за градби поради расистички демографски политики.

„ВМРО ДПМНЕ на Мицкоски е синоним на корупција, блокада и заложништво, тоа го потврди Судот, признанијата и Данела Арсовска, но и целосната меѓународна изолираност на ова ВМРО ДПМНЕ. Најголема корупција е да ја држиш својата држава и својот народ во изолација и во постојани меѓуетнички тензии. Шпицниот командант Мицкоски како и Апасиев во нивните сограѓани Албанци гледаат само подредени граѓани, граѓани од втор ред, Албанци кои не смеат да бидат на високи државнии позиции. Единствената слика што ја поседува и ја објави шпицниот командант со калашников в раце е порака кон Албанците. Ова не поминува, не го поддржуваат граѓаните“, велат од ДУИ и ги повикуваат членовите на ВМРО ДПМНЕ да се дистанцираат од расистичките и изолациски анти НАТО и анти ЕУ политики на шпицниот командант и да ја одвратат партијата од овие погубни политики.