ВМРО-ДПМНЕ се претера – СДСМ бил виновен за растот на цените


Зелен пазар во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Ја нема потрошувачката кошница која владата ја најавува со месеци, нема економско-социјален совет, нема мерки за смирување на цените на основните животни производи, цените на земјоделските продукти и овошјето за една година достигнуваат ракетни брзини. И за сето ова, според ВМРО-ДПМНЕ, не е виновна нивната влада која раководи со државата веќе 13 месеци, туку – СДСМ!

Во првото денешно соопштение од пропагандниот центар на ВМРО-ДПМНЕ владејачката партија го обвинува СДСМ дека тие го урнале животниот стандард и ја зголемиле сиромаштијата во државата кога биле на власт седум години.

„СДС не се грижеше како граѓаните ќе го врзат месецот, додека беше на власт и го зголемуваше ДДВ на производите, убедувајќи ги граѓаните дека тоа е за нивно добро затоа што биле, според нив, нездрави.

Додека неговата партиска елита се богатеше преку наместени тендери во четири очи, СДС на власт не се запраша како над пола милион граѓани го поминуваат денот со по 150 денари.

Наместо вистинска грижа, за која сега лицемерно глумат, македонската јавност беше сведок на целосно пљачкање на институциите и осиромашување на граѓаните.

А, украдените милиони ги изнесуваа по странство, каде сега имаат големи бизниси.

Сега СДС нега седи во длабоката опозиција и нека гледа како Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го санира нивниот пустош, води грижа за секој и ја заживува економијата која ќе биде основа на одржливо и трајно зголемување на животниот стандард“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и одбиваат да разговараат за зголемување на минималната плата како што бара синдикатот.