ВМРО-ДПМНЕ се правда зошто не гласа за електронска нараквица за насилници


Фото: Б. Грданоски

 

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, денеска излезе на прес-конференција за да го брани ставот на пратеничката група на најезината партија која гласаше против предлогот да се применат алектронски нараквици за семејни насилници. Оваа тема стана особено чувствителна по трагедијата во скопски Карпош и по убиството на Росица од Велес.

Пешевска денеска рече дека ваквата мерка била неприменлива и даде објаснувања:

„Законот што се предлага е во рамки на граѓанска постапка, додека вакви мерки – како електронски нараквици – по својата природа припаѓаат во кривичното право. Ова значи дека се прави мешање на два различни правни системи, што може да доведе до правна неизводливост и сериозни проблеми во примената.

Дополнително, во предлогот се наведува дека нема фискални импликации, што е апсолутно нереално. Воведување на ваков систем подразбира набавка на опрема, техничка инфраструктура, центри за следење, обука на кадар и континуирано одржување. Прашањето е – кој ќе го финансира тоа и како?

Станува збор за политички маркетинг, а не за сериозно законско решение.

Во пракса, постојат и дополнителни предизвици. Во случаи кога поранешни партнери имаат заеднички деца, контактот меѓу нив е неизбежен. Во такви ситуации, електронската алка не го решава проблемот, туку отвора нови компликации во примената на мерките“, рече Пешевска.

Предлагачот на законот, пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, ги отфрли сите забелешки на Пешевска и рече дека собраниското мнозинство покажа дека нема ни волја, ни храброст, ни совест кога станува збор за заштита на жените, без аргумент и без срам.

Претседателката на ЛДП додава дека предлогот за воведување на електронска нараквица не е нов, беше поднесен уште минатата година, но и тогаш истото сценарио: молк, игнорирање, одбивање.

„А што добивме од тогаш до денес? Црни биланси, жени жртви, скршени животи. И изгубени животи. И после сето тоа, повторно истата ладнокрвност. Вчера најавија дека ќе дадат објаснување. Какво објаснување може да се даде после една година молк и повторно молк? Ќе речат законот не е применлив. Еве одговор: применлив е. Се применува на федерално ниво во Босна и Херцеговина. Ќе речат треба да се менуваат други закони. Да, треба да се усогласи Кривичниот законик. Но тоа не е пречка.

Една година усогласуваат други закони со нивниот Закон за Влада, зошто да не може и овој.  Ќе речат нема услови. Има. Алките од системот за пробација им стојат во депо. Ќе речат нема пари. Не се работи за пари. Се работи за волја. Ќе речат треба повеќе време. Не, не треба. Една година помина од молкот по претходниот предлог. Една година молчат додека билтените се полнеа со жртви, додека изразуваат жалење за убиени жени и повторно да не направат ништо“, изјави Зајкова во Собранието и додаде дека е доста од лицемерие и празни говори.