ВМРО-ДПМНЕ се повлекува од комисијата за селекција на кадри од УБК во АНБ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков поднесе оставка во Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност. Оставката ја доставил до премиерот Зоран Заев, со оглед на тоа што оваа Комисија се формира со одлука на владата, согласно со Законот за АНБ, а во неа како набљудувачи учествуваат пратеници од власта и од опозицијата.
– Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се
базираше на субјективни, па дури и политички, наместо на објективни, јасни и
однапред утврдени критериуми. Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса,
односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу
кадрите кои би влегле во АНБ – наведува Димков во образложението на оставката.
Според него, не се реализирал тестот за интегритет кој требаше да се спроведе соогласно Законот за АНБ, ниту се постапило согласно со информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така, од неразјаснети причини не се реализирало ниту предвиденото полиграфско тестирање.