ВМРО-ДПМНЕ се потресе што се уште не дошле вакцините во Македонија
Колку животи ќе згаснат, а колкумина ќе останат со тешки последици заради доцнењето на вакцините на Филипче? – праша драматично ВМРО-ДПМНЕ, која најде нова тема за препукување со власта, иако измина само еден ден откако вакцините на Фајзер и Бионтек почнаа да се дистрибуираат во Европската унија.
„Последните вести за справувањето со пандемијата одат вака:
-Во САД веќе тече вакцинација и се набавува втора тура на вакцини.
-Во ЕУ тргнале првите камиони од Белгија, а имунизација почнува од 27 декември.
-Во регионот, од утре почнува вакцинацијата во Србија.
А, согласно најавите во Македонија, според планот на Заев и на Филипче, вакцините во Македонија се очекуваат во првите месеци од следната година. Внимавајте, не денови, не недели – првите месеци од следната година! Или повторно Заев и Филипче чекаат решението да им падне од небо!
За потсетување – така беше уште од почетокот кога сите се подготвија со тестери за корона – ние се уште немавме. Сите создадоа систем за заштита од корона, ние „блескавме“, а резултатот на тоа е најголема смртност во регионот поврзана со корона и држава во економска рецесија!
Филипче денес не знае ниту кога ќе дојдат вакцините од Бугарија, ниту колку би дошле, ниту дали евентуално ќе дојдат вакцини, затоа што од таму е испратена порака, накусо: Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против Ковид-19. По покривањето на националните потреби ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на Македонија.
Знае ли Филипче колкав број на вакцини се потребни во Македонија, дали ќе и остане на Бугарија, како и дали навреме ќе бидат обезбедени или ќе чекаме „донации“ кој колку може? Што ако Бугарија ги потроши сите дози или евентуално го сврти грбот?, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека нема доволно тестови и заштитна опрема, денеска лаже дека ќе нема вакцини против коронавирусот и продолжува да работи на штета на јавното здравје“, се вели во реакцијата на СДСМ, по ваквите обвинувања.
„ ВМРО-ДПМНЕ, партијата чии ставови се демантирани од странски амбасади, која во меѓународни студии е посочени како извор на лажни вест и дезинформации, упорно и без срам шири нови лаги и измислува нови конструкции. Лага е дека Владата и Министерството за здравство не работат на обезбедување на вакцини против коронавирусот, дека вакцините ќе сме ги добиеле последни. Вистината е дека веќе се реализира уплата за 833.000 дози за вакцинација и ревакцинација на околу 400.000 граѓани во рамки на Ковакс механизмот“, нагласуваат од владеачката партија.
Покрај овој механизам, истакнуваат социјалдемократите, започнати се и директни преговори за набавка на дози на вакцините од компаниите што ги произведуваат. Притоа потенцираат дека е предвиден и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за дополнителни 100 милиони дози за европските земји надвор од Унијата, пришто Македонија аплицира за дополнителни 800.000 дози од 100-те милиони.
„Подготовките за имунизација се започнати, се набавуваат соодветни модели на фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Истата ВМРО-ДПМНЕ која лажеше дека нема доволно тестови, истата фејк-њуз ДПМНЕ која лажеше дека немало заштитна опрема за лекарите, истата ВМРО-ДПМНЕ која намерно блокираше заем за изградба на 16 модуларни ковид центри, денеска лаже дека немало да има вакцини против коронавирусот“, стои во реакцијата на СДСМ.