ВМРО-ДПМНЕ се откажа од учеството на изборите во Штип и Пласница


Она што се најавуваше претходниве денови тоа и се случи – ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи свои кандидати за вонредните избори за градоначалници на Штип и Пласница. Таква одлука донел Извршниот комитет на партијата и тој тоа ќе му го препорача на усвојување на Централниот комитет. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски во разговор за телевизија Алфа изјави дека „ниедна политичка кариера, најмалку онаа на Заев и Бочварски не е поважна од здравјето на граѓаните“.

Одлуката, вели тој ја донеле поради „апокалиптичнара состојба со Ковид-19. Секојдневно броиме десетици луѓе кои го губат својот живот, броиме илјадници наши сограѓани кои на дневна основа се заразуваат, за нас претставува вистинска лудост ВМРО-ДПМНЕ да ја легитимира оваа егзибиција на Зоран Заев и СДСМ“. Според него одењето на избори треба да се осуди а не да се учествува на нив.

Мицкоски тврди дека одењето на избори е погрешен потег. „Ние се спротивставуваме на ваквите девијантни однесувања во политиката и ваквите ‘Монти Пајтон’  политичари и ја користам оваа прилика да апелирам на разум, затоа што ситуацијата со пандемијата е девастирачка и алармантна, а тоа го кажа и во оној страшен прес ресорниот министер“, рече Мицкоски.

Досега за изборите во Штип има пријавено тројца кандидати. Едниот од нив е сегашниот пратеник на СДСМ, хирургот Сашко Николов.