ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ смениле ДУП во Тетово за бизнис вреден 200 милиони евра објави


ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и ДУИ, веднаш по формирањето на владата во 2020 година, извршиле измена на деталниот урбанистички план во Тетово со цел, како што тврдат, да овозможат реализација на градежен проект вреден околу 200 милиони евра.

Според партијата, измените се однесувале на просторот на поранешниот ШИК „Јелак“, кој, како што наведуваат, бил доделен на фирмата „Јелак Градба“, поврзана со бизнисменот Миодраг Давидовиќ – Дака, за изградба на над 2.000 станбени единици.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ваквите одлуки биле донесени поради бизнис интереси и можни лични придобивки, алудирајќи и на претходно објавени наводи за финансиски трансакции, за кои, како што велат, никогаш не била спроведена истрага.

„Сето ова е овозможено на бизнисмен кој се наоѓа на црната листа на САД, со цел да се реализираат милионски зделки и да се извлече профит од изградбата“, наведуваат од партијата.

Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага за случајот, оценувајќи дека постојат сериозни индиции за криминал и корупција.

Обвинувањата доаѓаат во услови на засилена политичка реторика меѓу власта и опозицијата, поврзана со случаи од минатото и актуелни бизнис-релации. 

Од СДСМ возвратија дека дефокусот според нив не поминува и дека скандалот со Дака целосно  разоткрил дека за бизнис со ВМРО-ДПМНЕ  условите мора да бидат „исполнети“.

„Самите ВМРО-ОКГ и Александар Николовски јавно признаа дека сите услови се исполнети и затоа фирмата на Дака ја ставиле во годишниот план на владата во енергетиката. Како е можно фирма на лице кое е на црната листа на САД да ги исполнува сите услови за работа со државата? Дака е руски човек, исто како Адамовиќ, со фирма на црната листа на САД и ги исполнил условите. Па како?Одговорот е едноставен. Фирмата на Дака е на листа на владата поради бизнис мрежата на Мицкоски и неговите интереси во енергетиката.
Откако Антикорупцискиот тим на СДСМ ги фати живи како Дака ја ставиле на владината листа, следува паничен дефокус од ВМРО-ОКГ: Заев, снимки, инженеринг, референдум, ДУП – сè освен одговори. Но, дефокусот не поминува.
 
Клучната улога во овој скандал ја има Сања Божиновска, главниот оперативец на Мицкоски во енергетиката, вмешана во повеќе сомнителни бизнис релации со Руднап и Адамовиќ. Таа ја внела фирмата на Дака во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.Станува збор за сериозни индиции за организирана корупција на највисоко ниво – вистинска ОКГ, организирана криминална група, која ја злоупотребува државата за приватни интереси.Затоа, Јавното обвинителство мора веднаш да постапи.Да се истражи случајот до крај. Да се утврди одговорност. Да се разоткрие целата шема“, побараа од СДСМ.