ВМРО-ДПМНЕ реагира: Народот не му даде одговорност на Филипче за спорот со Бугарија

„Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија бидејќи таква одговорност доделена од народот воопшто нема.А нема затоа што на последните избори народот кажа што мисли за капитулациите на Венко и Заев во спорот со Бугарија“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ по говорот на лидерот на СДСМ во брисел каде што ја обвини владата дека нема ни план ни стратегија за евроинтеграцијата и дека не доведе во апсурдна позиција – сами да си ставиме вето. Практично Филипче не ни зборуваше директно за спорот со Бугарија.
-Во врска со обраќањето на Венко Филипче во Брисел во кое се обидува да ја обвини Владата за наводно „самонаметнато вето“ и „откажување од евроинтеграциите“, ВМРО-ДПМНЕ смета дека јавноста заслужува одговор кој се темели на факти, вистински вредности и државничка одговорност.
Прво, апсурдно е токму СДС, партијата која капитулираше пред секој услов, која со бришење на македонскиот јазик од институционални формулации и која дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство. Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан токму од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење; Уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од недовербата на народот во процес што СДС го водеше без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци.
Денес Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на реформите, на владеењето на правото, на борбата против корупцијата – вистинските европски вредности.Филипче зборува за „стратегија“, а токму неговата партија немаше стратегија за ништо: ниту за здравство во пандемија, ниту за енергетска криза, ниту за евроинтеграции. Затоа народот јасно ја казни на избори.
Исто така, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес, со гаранции за идентитетот и со заштита на државните позиции – нешто што СДС апсолутно го погази.
Затоа, наместо соучесникот во најголемите здравствени и политички неуспеси да зборува за „иднината на државата“, подобро е СДС да се соочи со минатото – и со последиците од сопственото безгрбно владеење. Во оваа смисла, исто така, од сите луѓе, Венко Филипче, симболот на пропаднатото здравство и човекот чие име стои зад една од најголемите здравствени афери – последен има кредибилитет да зборува за „грижа“ и „реформи“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ префрлајчи ја темата на кредибилитетот на лидерот на СДСМ место на евроинтеграцијата, што беше повод за реакцијата.