ВМРО-ДПМНЕ разгледува 17 кандидати за претседател на државата


Фото: Б. Грданоски

 

Во пошироката листа на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател на државата за изборите идната година сега се наоѓаат околу 17 лица. Ова го изјави претседателот на партијата Христијан Мицкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, при што во наредните месеци ќе има скратување на листата.

„Ние ги мериме (анкетите), има 17 имиња, и веќе имаме некаква анализа бидејќи започнавме некаде во април“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека се планира пократок список да има некаде во септември–октомври и уште пократок список некаде во декември–јануари.

„Очекуваме некаде во втората половина на јануари или првата во февруари да се одржи конвенцијата за избор на претседател и секој оној кој има амбиција да се пријави е добредојден“, рече Мицкоски.

Тој зборуваше за три сценарија во врска со идната изборна година кога треба да се одржат претседателски и парламентарни избори, што било тема и на средбите што ги имале со дипломатски претставница во земјава.

„Генерално постојат три сценарија: едното кое го зборува Ковачевски е дека ќе има претседателски избори во март и парламентарни во јуни“, рече Мицкоски, според кого „фан“ на тоа сценарио бил актуелниот претседател Стево Пендаровски. Бидејќи третото сценарио – предвремени избори во октомври, не му одговарало затоа што, како што рече „СДСМ ќе доживее дебакл, а тој себеси се гледа како кандидат на СДСМ и си вика со новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и тие мали теоретски шанси ќе ги нема“.

Образложувајќи го првото сценарио за одделни избори за претседател и за Собранието, Мицкоски рече дека СДСМ и ДУИ размислувале за еден блок кој што ќе го поддржат претседателскиот кандидат кој ако победи со бранот ќе го поклопи ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори.

„Но, победник на следните претседателски избори ќе биде или кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ или нема да имаат успешни избори“, рече Мицкоски. 

Второто сценарио, според Мицкоски е да има заеднички избори во март што можеби како ВМРО-ДПМНЕ повеќе би им одговарало со техничка влада во декември.

„Но тоа е ризичен процес? Затоа што во јуни се изборите за Европскиот парламент, а како што стојат работите многу изгледно е дека парламентот ќе дивергира по надесно и не се знае каква ќе биде пораката каде што можеби нема да бидеме приоритет“, рече Мицкоски, според кого сценариото за парламентарни избори на есен е најдобро за Македонија.