ВМРО-ДПМНЕ продолжува со хајката против новинарот Сашо Орданоски


Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (Фото: Б. Грданоски)

 

Од четвртокот вечерта по интервјуто на новинарот Сашо Орданоски на Канал 5 владејачката ВМРО-ДПМНЕ не престанува со хајката против него, етикетирајќи го како наводен „гласноговорник“ на СДСМ и барајќи реакции од СДСМ по неговите искажани оценки за Доналд Трамп.

„Сашо Орданоски е еден од најголемите гласноговорници и поддржувачи на СДС. На сите јавни и медиумски настапи, Сашо Орданоски секогаш поддржувал и промовирал ставови и политики на СДС.

Орданоски е перјаница на СДС и секогаш бил на иста линија и во нивна поддршка. Работел на проекти, програми и кампањи како социјалдемократите да ги донесе на власт.

А, за време на СДС на власт, Орданоски на јавните настапи и во своите писанија ги бранеше нивните погубни и предавнички политики и ги величеше шефовите на таа партија.

И за тоа, СДС на власт, на Сашо Орданоски дословно му се оддолжувале, како што е примерот од 350 илјади евра за неговиот брат од Фондот за иновации за технолошки развој и тоа за плагијат проект“, вели ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

Па од партијата прашуваат: „Со оглед на фактот што СДС и Венко Филипче не се оградија и јавно не го осудија, легитимно се покренува прашањето дали го поддржуваат и го делат истиот став со Сашо Орданоски за САД и претседателот Доналд Трамп? СДС и Венко Филипче имаат шанса да излезат од живата кал во која, секојдневно, се повеќе тонат, а тоа што треба да го направат е да излезат и јавно да се оградат и да ги осудат ставовите и навредите на Сашо Орданоски“.

Заедно со партијата во општ крстоносен поход протв Орданоски се и провладините медиуми, за кои најголем грев е што новинарот имал лоши оценки за американскиот претседател.