ВМРО-ДПМНЕ притиска за гласање за Уставот, власта игнорира


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не реагира на повикот на ВМРО-ДПМНЕ да го  стави на гласање предлогот за уставни измени, повикувајќи се на одговорот што го даде на прес-конференцијата неодамна. Тогаш Џафери изјави дека претседателот на Собранието одлучува за продолжување на седницата „кога ќе се создадат потребните услови“. Наспроти него, поранешниот спикер и екс-пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељановски, тврди дека денеска е крајниот рок за продолжување на седницата и за ставање на иницијативата на гласање до полноќ.

„Денеска на први септември завршија десетте работни дена од отворањето на постапката и расправата за измена на Уставот на седницата број 123, закажана и одржана на 18 август. Гласањето ќе се одржи денеска. Секое друго дејство не е во согласност со Деловникот. Деловникот за работата на Собранието не дозволува нејаснотии за постапка од толку големо значење“, напиша Трајко Вељановски.

За излез од оваа ситуација, според Вељановски, најмалку 20 пратеници мора да побараат продолжување на седницата. Ако Џафери не го почитува ова барање, тогаш  според него актуелниот шеф на Собранието наметнува лоша практика, се става над пратениците и го менува институционалниот политички систем.

Додека премиерот Димитар Ковачевски вели дека дебатата за ова прашање ќе трае сè додека е потребно, од ВМРО-ДПМНЕ и формално повикаа седницата за уставните промени да не се одолговлекува. Нема да има уставни измени под бугарски диктат, е и натаму ставот на оваа партија.