ВМРО-ДПМНЕ пресовите сега ги држи надвор, пред тешките врати на партијата

Треба да се видат на камера тешките и големи врати на партијата, украсени со резби. И да се има можеби уште поголема почит за партијата која има толку многу имот.
ВМРО-ДПМНЕ во последно време своите прес-конференции ги држи надвор пред зградата каде што е нејзиното седиште. Под контроверзниот балкон, кој во основа не служи за ништо, но како да беше направен по образецот на седиштето на партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од каде тој им се обраќа на своите приврзеници по секоја изборна победа.
Зошто ВМРО-ДПМНЕ го напушти подиумот внатре во зградата каде со години ги одржува прес-конференциите, нема информација од партијата. Дали нешто се преуредува внатре? Дали беше доста од тоа новинарите да имаат пристап во внатрешноста на зградата? Дали е тоа промена на медиумската стратегија? Што и да е – веќе ги нема телопите на екраните одзади на кои имаше фотографии со темата за која се зборува. Сега ги има само тешките врати со резба.
Така беше и за време на денешните прес-конференции на портпаролот Валентин Манасиевски и на пратеникот Бране Петрушевски. Тие еден по друг застанаа пред влезната врата.
Петрушевски изјави дека „попусти се обидите на Виктор Димовски (поранешен директор на АНБ) да се извлече. СДС призна дека 5 години го следеле претседателот Мицкоски. Тоа значи дека не само тој, туку и неговото семејство биле предмет на следење на тајните служби“. Тој побара Димовски да признае што правел и „по чија наредба од врвот на политиката“.