ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави за хонорарите во СЈО


Фото: Б. Грданоски

Обвинителите во поранешното СЈО во текот на четири години од 2015 до 2019 година противправно си исплаќале надоместоци и додатоци на плата, со што го оштетиле буџетот за 4.6 милиони евра.Овие 4.6 милиони евра народни пари, без било каков основ си исплатиле Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска, Лиле Стефанова, и другите обвинители од СЈО. ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе кривични пријави против сите овие лица, најави денес портпаролот на партијата Наум Стоилковски.

 Тој нагласи дека овие обвинители сега се распоредени на обвинителски места низ ЈО низ Македонија, и тие иако компромитирани извршуваат обвинителска работа.

-Оттука бараме да се изврши суспензија на овие обвинители зошто со умисла ги извршиле овие дела, и се стекнале со незаконска имотна корист, притоа оштетувајќи буџетот на државата. Обвинителите сториле низа продолжени кривични дела, и тоа: Злоупотреба на службена должност и овластување од чл. 353 од Кривичен законик, несовесно работење во служба чл. 353 од Кривичен законик, проневера во служба чл. од Кривичен законик, измама во служба чл. 355 од Кривичен законик. Имено, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители во декември 2015 година со него е уредено дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35 проценти од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот за утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт.

Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, иако донела Правилник за утврдување и исплаќање на додатоци на плата, не се придржувала кон законите и посебните акти, и неосновано исплатила додатоци на плата на вработените во Специјалното јавно обвинителство во висина од 282.896.000 денари, односно околу 4,6 милиони евра за кои што нема законско покритие, по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност.  Ова се 4.6 милиони евра со кои што може да се набават 100 амбулантни возила, 50 противпожарни возила, да се изградат 4 училишта, или да се направи и опреми цела една амбуланта. Но наместо за сите овие работи парите завршиле во џебот на неколку обвинители кои подоцна видовме како рекетирале фирми и граѓани, и ја користеле функцијата за свое лично богатење, порача Стоилковски.