ВМРО-ДПМНЕ освои помалку гласови во Тетово од коалицијата на СДСМ во Центар Жупа!

Веќе втор ден трае политичката пропаганда околу изборите во трите општини, а пред се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ја увери јавноста дека извојувала голема победа во Тетово и дека тоа е уште еден аргумент да се организираат предвремени избори во државата. Ваквите тврдења наидуваат на потсмев во СДСМ од каде што порачаа дека -што и да зборуваат од ВМРО-ДПМНЕ, фактите кажуваат нешто друго, односно дека на вонредните локални избори изгубија во две општини, а во третата имаат пад од над 1.000 гласа.
-Мицкоски може да се врати во основно образование бидејќи и математиката и политиката му се слаба страна. Тоа што се обидува сопствениот пораз да го претставува за некаква победа покажува дека има проблем со математичките операции, ама и со логиката. ВМРО-ДПМНЕ има помалку гласови во Тетово, отколку коалицијата на СДСМ во Центар Жупа! Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ на вонредните локални избори изгубија во Центар Жупа и Маврово Ростуше, во двете општини каде што се избираше градоначалник, а СДСМ и коалицијата однесе двојна победа.
Во Тетово, пак, ВМРО-ДПМНЕ има континуиран пад на гласовите.СДСМ во Маврово Ростуше (3.266) освои колку што ВМРО-ДПМНЕ освои во Тетово (3.332) кое е општина со над 80.000 гласачи! И кандидатот на коалицијата на СДСМ во Центар Жупа (3.340) освои повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ во Тетово (3.332). Колку анкети да нарача Мицкоски, што и да говорат од Белата палата, не можат против зборот на граѓаните, а граѓаните на избори јасно порачаа дека се против деструкции и блокади, силно застанаа зад европската коалција и вистинските политики на СДСМ, порачаа од СДСМ.
Претходно Ѓорѓија Сајкоски од опозициската партија оцени дека, според резултатот во Тетово, предвремени парламентарни избори се повеќе од неопходни. Тој тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ ја надополнило победата од локалните избори претходно ои дека граѓаните на Тетово покажале дека се спремни за „промени,проекти и победи“ за подобро Тетово.
-Според резултатите предвремени парламентарни извори се повеќе од неопходни- заклучи Сајкоски.