ВМРО-ДПМНЕ одреди нова цел за напади: Арбен Таравари
ВМРО-ДПМНЕ го оцени однесувањето на Таравари како „неразумно“

До пред две-три недели тој беше министерот за здравство кој извонредно ја организираше хоспитализацијата на повредените од пожарот во Кочани, во земјава и во странство, а сега тој е предавник на владата која ја раководи ВМРО-ДПМНЕ.
Така за кусо време Арбен Таравари, лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, го помина патот кај вмровските ешалони – од човек кој имаше огромен придонес за се протера ДУИ во опозиција, до човек кој влего во скутот на истата таа ДУИ.
Од вчера ВМРО-ДПМНЕ почна со лидерирање на соопштенија против Таравари, а во неколкуте дебатни емисии пратениците не можеа да изнакажат доволно лоши зборови за него, главно поврзувајќи го со наводна корупција.
Во истиот стил кој се применува против сите политички противници, ВМРО-ДПМНЕ денеска побара Таравари да одговорел со што бил уценет. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ е сигурно дека тој бил уценет, затоа што неговото однесување било „неразумно“. Заедно со одлуката да ја напушти владата што ја предводи Христијан Мицкоски
Ова негово неразумно однесување може да се случи само како резултат на уцена и под диктат на криминалното лоби. Арбен Таравари е уценет човек, цената на таквата уцена треба да се бара во бизнис или друг вид на мотиви. Тој се потврди дека не е стабилен партнер со кого може да се гради политика. Тој треба да објасни на своите гласачи како сега за него ДУИ е правата вистинска и единствена опција“, вели владејачката партија.
За да го зголеми притисокот прес-конференција против Таравари подоцна одржа и пратеникот Драган Ковачки. Тој оцени дека сѐ уште актуелниот министер за здравство „не е стабилен човек“.
„Во недостаток на факти и аргументи, Таравари своето алиби за напуштање на владината коалиција, го темели на ЕУ интеграциите и на албанските прашања, кои за разлика од порано и тоа како се променети.
Иако неговите констатации немаат никаква врска со реалноста, Таравари треба јавно да одговори со што е уценет од СДС и од ДУИ? Дали е нешто поврзано со бизнис или некаков друг вид на мотив?“
Алијансата за Албанците ја брани својата одлука да оди во опозиција. „Самиот факт што ја напуштивме Владата по своја волја јасно покажува колку сме малку корумпирани, а можеби и незамисливо за некои партии на власт“, соопштија денес од АА.
„Алијансата за Албанците будно ги следеше ‘тврдењата“ на ВМРО за нашата партија и нејзиниот претседател. За очекување е во овие тешки денови на оваа влада во неволја, во целосно отсуство на политички аргументи, да има клевети од најапсурден вид. Не сакаме со никакви навреди или псевдообвинувања да ја оптоваруваме ВМРО која во моментов има доволно маки“, тврди партијата и вели дека таа сега е во своите најдобри денови и е фокусирана на „октомвриската победа“.