Што се случуваше во Вевчани за време на карневалот (Фото галерија)


Годинашниот василичарски карневал во Вевчани во одреден момент прерасна во инцидент во кој политиката изгледа дека ги замеша прстите. Иако официјално карневалот не беше организиран поради пандемијата неколку десетици луѓе сепак беа облечени во маски и продефилираа низ местото, а тоа најпосле заврши со интервенција на полицијата за да го спречи можното ширење на корона вирусот во ситуација на многу насобрани луѓе.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со соопштение во кое велат дека „власта на Заев со специјалци тепа граѓани на карневал, кои преку маски и хумор го исмеваат лошото владеење на СДСМ. Прагот на толеранција кон секоја критика на СДСМ и на Заев е нула. Ова денеска во Вевчани беше приказ како функционира тоталитарен режим“.

По наредба на Заев денес брутално и насилно стотина специјалци ги тепаа, апсеа и малтретираа граѓаните кои учествуваа на вековниот Вевчански карневал, меѓу кои имаше деца и стари лица.Тоа што не успеале разни поробувачи, во окупации и во комунизмот му успеа на Зоран Заев, да го прекине карневалот со ќотек и апсења.

За Заев не е проблем кога се собираат владините функционери кои кршат мерки и на нив не смее ни да помисли да им прати специјална полиција, но затоа кога се граѓаните во прашање се фаќа за пендракот и удира, тврдат од опозициската партија.

Според информациите од Вевчани, полициски службеници го растуриле карневалот во Вевчани кога тој речиси беше завршен. Оваа година тој не беше официјално организиран од страна на Општината поради пандемијата на корона вирусот. Нашиот фоторепортер кој беше на карневалот вели дека инцидентите се случиле на крајот кога одредена група василичари им се спротивставила на полицајците кои ја набљудувале годинашнава многу поскромна поворка, а специјалците не интервенирале туку генерално се поставиле како брана. Целиата ситуација траела околу половина час, а потоа сите се разотишле.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полицијата интервенирала поради непочитувањето на мерките за спречување ширење на корона вирусот, односно забраната за групирање повеќе од четири лица. Присутните ја дочекаа полицијата со пцости, а настана и турканица меѓу василичарите и полицајците.

Од МВР велат дека и покрај претходно постигнатиот договор да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група граѓани се собрале во Вевчани, без почитување на мерките, односно со недозволено групирање, поради што мораше да интервенира полицијата.

„По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни пријави. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани така и на сите граѓани“, велат од МВР.

Општина Вечвани оваа година се откажа од организирање на традиционалниот карневал. Годинешното дефиле помина во знакот на пандемијата од Ковид 19 и ветото од Бугарија. Низ маските вевчанци ја создаваа вакцината против корона вирусот и предвидуваа што ќе се случи во иднина на разгворите со источниот сосед. 

Фото: Борис Грданоски