ВМРО-ДПМНЕ објави на Фејсбук предлог како да изгледа Преамбулата на Уставот


 

Дали најголемата опозициска партија се вклучува со мали чекори во расправата за промена на Уставот, откако со месеци тврдат дека тоа нема да се случи во овој парламентарен состав? Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ. Работите сега почнаа да се вртат околу образецот кој го дава преамбулата на хрватскиот устав во кој се набројани припадниците на 22 малцинства, меѓу кои и Македонците и Бугарите.

Според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, објавен на Фејсбук страницата на партијата, Преамбулата на македонскиот устав треба да ги содржи и овие реченици:

„Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства: Албанци, Турци, Роми Власи* и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединетите нации. (*сите националности кои се забележани на последниот попис да бидат дел од националните малцинства“).

Текстот на овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ целосно се повикува на делот од преамбулата на хрватскиот устав, па дури и го пресликува. Во оваа преамбула пишува:

„Република Хрватска е основана како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на автохтоните национални малцинства: Срби, Чеси, Словаци, Италијанци, Унгарци, Евреи, Германци, Австријци, Украинци, Русини, Бошњаци, Словенци, Црногорци, Македонци, Руси, Бугари, Полјаци, Роми, Романци, Турци, Власи, Албанци и други, кои се нејзини граѓани, на кои им се гарантира еднаквост со хрватските граѓани и остварување на националните права во согласност со демократските норми на ОН и земјите на слободниот свет“.

ВМРО-ДПМНЕ досега не се изјаснила цврсто дека нема да учествува во работната група која треба да ја почне расправата и да ги предложи уставните измени, иако на неколку пати тврдеше дека нејзини претставници нема да бидат дел од неа. Со овој предлог полека ја отвора вратата да стране дел од расправата или се обидува да ја насочи во меѓунационални води, со што ќе се искомплицираат уставните промени.

Како и да е, објавата на предлогот предизвика и охрабрувачки и гневни реакции, од тоа дека Мицкоски пак е со „спуштени гаќи“, па до уверувањата дека со овој предлог ќе се исправи Уставот и Македонија пак „ќе има еден народ – Македонци, а другите ќе бидат малцинства“.  Еве некои од коментарите:

„Само со прифаќање на овој европски терк , нашите сограѓани од албанска националност ќе докажат дека навистина немаат територијални претензии кон Македонија и не се приврзаници на големоалбанската идеја“.

„Ова е најдоброто решение, од корен се сечат шовинистичките идеи на Албанците и Бугарите. Штом они се против, значи тоа е вистинскиот начин“.

„Со европско знаме, по брза постапка, ова со измениве и на арно ќе излезе“.

„Ајде сдсовци, вие сте на подег за отворање на Уставот.  Македонија на МАКЕДОНЦИТЕ и сите други националности“.

„Добра идеја, нека жртвуваат нешто и малцинствата на патот до ЕУ“.

„Почнавте со наведнување глава, со симнати гаќи“.

„Нели народот не ви дал поддршка, не ве гласал за уставни промени?“  

„Се предадовте, не глумите веќе, отпуштетете се“.

„Каков хрватски договор, какви бакрачи, ВМРО-ДПМНЕ кокунистичко и предавничко…“

„Само во Хрватска живеат 96,1 отсто Хрвати. Во Македонија 54 отсто Македонци, 33 отсто Албанци…Бројката 33 не е малцинство туку една третина.. Вака треба и ке гласи Преамбулата: „Република Северна Македонија е двонационална држава на етнички Македонци и етнички Албанци и на други националности….“ (Н.В.)