ВМРО-ДПМНЕ негира дека во документот со Британија има договор за камп за мигранти
Даунинг стрит 10 објави дека Македонија се приклучила кон Заедничката работна група за миграција што ја води Лондон

Партијата ВМРО-ДПМНЕ, а не Владата, вечерва реагираше отфрлајќи ги наводите во медиумите дека во догoворот за стратешко партнерство со Велика Британија можно е и да претпоставува отворање камп за мигранти во Македонија. Партијата овие дилеми ги нарече „апсурни и злонамерни дезинформации“.
Во соопштението, меѓу другото, се вели:
„Потпишувањето на Заедничката декларација за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува историски чин од највисоко државно значење. Со големо жалење констатираме дека истовремено со ова државничко достигнување, се појавија апсурдни и злонамерни дезинформации, според кои наводно овој договор содржи одредби за отворање на мигрантски кампови во Македонија.
Јавно и недвосмислено потврдуваме – такво нешто не постои.
Во документот нема ниту една одредба, најава или формулација што се однесува на отворање или организирање на каков било камп за мигранти на македонска територија. Текстот е јавно достапен и секој може да го прочита.
Дополнително, ниту еден сериозен медиум – домашен или меѓународен – кој известуваше од Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, не ја спомена оваа фабрикувана теза. Причината е едноставна – затоа што тоа не е вистина.
Голем дел од медиумите денес излегоа со класична шпекулација, која, како по команда, почна да се шири со единствена цел: да се загрози ефектот од оваа одлична вест за нашата држава и нашите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ децидно потврдува: било какви договори за мигранти или камп за мигранти не постојат и не се дел од овој документ со Обединетото Кралство.
Оваа ‘вест’ е лажна вест.
Апелираме до јавноста да не подлегнува на такви деструктивни обиди, туку да биде спокојна и да се радува на добрата вест од овој договор со Велика Британија – договор кој е влог во безбедноста, стабилноста, економијата, и европската перспектива на нашата татковина“.
Медиумите што поставуваа вакви дилеми го правеа тоа затоа што од Владата немаше транспрентност за каков договор се работи што треба да се потпише во Тирана меѓу премиерот Христијан Мицкоски и Кир Стармер. Мицкоски два дена преку Фејсбук статус одбројуваше дека за „неколку часа“ ќе се случи голема и важна вест за Македонија. Медиумите ги пренесуваа извештаите од Британија дека тамошната влада бара соработка од неколку земји во Западен Балкан за прифаќање мигранти и беше наведувана и Mакедонија како можно место за такво нешто.
Во официјалното соопштение на Даунинг стрит 10 за средбата меѓу Стармер и Мицкоски во Тирана се вели дека британскиот премиер го поздравил новото стратешко партнерство меѓу двете земји, со што дополнително се зајакнуваат односите меѓу Велика Британија и Северна Македонија.
„Партнерството ќе го нагласи растечкото пријателство меѓу двете земји и ќе сигнализира намера за поблиска соработка на заедничките предизвици, вклучувајќи го економскиот раст, трговијата, одбраната и безбедноста, додаде премиерот.
Лидерите, исто така, разговараа за неодамнешниот договор на Северна Македонија за приклучување кон Заедничката работна група за миграција, дополнително зајакнување на регионалната соработка за спречување на нерегуларни мигранти што транзитираат низ Балканот и спречување на криминалните банди што им помагаат“.
Ден претходно Даунинг стрит 10 објави дека во Заедничката работна група за миграција се Албанија, Косово и Северна Македонија и дека продолжуваат разговорите со Црна Гора. Британија десетина години мака мачи да го спречи или намали преминувањето на островот на мигранти со мали бротчиња.