ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од рамниот данок, ветува и 3 милијарди евра капитални инвестиции: Што содржи програмата „Платформа 1198“


Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната програмска дебата насловена „Патоказ кон иднината – Зајакнување на економијата, инфраструктурата и енергетиката“ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ наречена Платформа 1198 посочи дека фокусот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде насочен капитални инвестиции, кон политиката на ниски и рамни даноци, силна борба против сивата економија и намалување на стапката на невработеност на 7,5 отсто, соопштија од партијата.

„Најголемиот фокус ќе ни биде кон капиталните инвестиции, кон поддршка на инвестиции за приватниот сектор особено за производните компании и компаниите кои што извезуваат и понатаму остануваме на ставот за привлекување на странски директни инвестиции и нашата цел е до 2028 година да имате стапка на раст на бруто домашниот производ од 5%“, истакна Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека фокусот се сведува кон инвестициите, а не кон потрошувачката како што беше до сега.

„Прво што планиравме како ВМРО-ДПМНЕ е реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра, значи станува збор за инфраструктурни проекти, за проекти во образование, во здравство, проекти кои ќе имаат вистинска додаден вредност. Исто така остануваме и на политика за ниски и рамни даноци, затоа што сметаме дека тие создаваат фер услови за приватниот сектор. Исто така најавуваме и силна борба со сивата економија. Она што е клучно е што ВМРО-ДПМНЕ во следниот период проектира и планира до 2028 година да креира нови 55 илјади работни места односно стапката на невработеност да се спушти на 7,5%, посочи Димитриеска Кочоска.

Елена Петрова дополнителниот заменик министер за финансии кажа дека во следниот период клучна улога ќе има УЈП за која што ВМРО-ДПМНЕ има сет на мерки за УЈП реформа која ќе се протега во 4 столба, даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација.

„Во нашата програма имаме еден цел дел за УЈП именуван како ефикасна праведна и дигитализирана даночна администрација. Имаме испумпување на пари од буџетот заради злоупотреби на поврат на ДДВ, за што УЈП не покажа капацитет да ги детектира и да ги спречи однапред ваквите појави. Од друга страна компаниите кои работат чесно не навремено го добиваат својот поврат и тоа има одраз врз нивната ликвидност. Затоа ние смисливме сет на мерки за УЈП именувани како 4 Д реформа на УЈП, реформа која ќе се протега во 4 столбови, даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација“ кажа Петрова.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Маја Кадиевска Војновиќ во своето обраќање рече дека ВМРО-ДПМНЕ го слушна бизнис секторот и барањата ги преточи во новата програма на Платформа 1198. Таа истакна дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе креира 10 годишна нова стратегија за привлекување на гринфилд и браунфилд инвестиции и ќе направи реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот.

„Во делот на компаниите ги таргетираме сите компании, од почетниот стадиум на развој, како што се старт-апите, па се до позрелите компании како што се извозно ориентирани капацитети. Потоа микро малите и средни претпријатија кои што се најбројни и кои што исто така вработуваат најголем дел од вработеноста, додаде таа. 

Сања Божиновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на дебатата на тема „Патоказ кон иднината – Зајакнување на економијата, инфраструктурата и енергетиката“ најави формирање на ново министерство за енергетика и минерални суровини со истакнати кадри и носители на стратешките проекти. Ова министерство ќе соработува со најголемата компанија ЕСМ.

„Планираме модернизација на РЕК Битола, како и изградба на две когенеративни централи за гас, што значи во исто време ќе се снабдуваме и со топлинска и со електрична енергија, а предвидена е и гасификација. Од обновливите извори има план за изградба на ветерни паркови“, потенцираше Божиновска.